Професорката Гордана Силјановска Давкова на социјалните мрежи повикувајќи се на зборовите на Дизраели, почитуван британски пратеник и премиер дека моментот на формирањето на Владата наликува на оној пред хранењето на животните во зоолошките градини, пишува дека „Многу гладни политичари ЗА МОЌ имаме!“
ШТО Е (НЕ)ЈАСНО околу ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ?
Денес, речиси немаше телевизија на која не се презентираше „ХРАБРИОТ“ ПРЕДЛОГ на старо-новиот премиер, г-дин Зоран Заев за подготвеност на СДС да се откаже од едно од петте потпретседателски места, доколку тоа го стори и ВМРО-ДПМНЕ! Изјавата на г-ѓа Дафина Стојановска, пак, дека ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќа условениот предлог, беше проследена со чудење?!
И јас им се чудам на оние кои се чудат без да проверат. Имам впечаток дека никој од коментаторите не го прочитал членот 21 од Деловникот! Еве зошто.
Член 21, став (2) од Деловникот на Собранието вели:„ Бројот на потпретседателите го утврдува Собранието , по предлог од претседателот на Собранието. Потпреседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието.“
Ставот (3) гласи:„ Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците КОИ ПРИПАЃААТ на политичката партија застапена во Собранието КОЈА Е НАЈГОЛЕМА ОПОЗИЦИОНА ПАРТИЈА.
Значи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЛЕВИЦА гласаа против предлогот на претседателот на Собранието, Талад Џафери за пет потпретседатели, но пратениците од СДСМ и коалицијата, вклучувајќи ги и „МИНИСТРИТЕ- ПРАТЕНИЦИ“, го ИЗГЛАСАА. Според тоа, СИ ДОНЕСОА ОДЛУКА ЗА ПЕТ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ, иста како онаа на ГОЛЕМИОТ ПАЗАР од 2016 година!Инаку, до 2016 година Собранието имало тројца потпретседатели, но на предлог на г-динот Талад Џафери, СДСМ-ДУИ коалицијата, за прв пат, наспроти несогласувањето на ВМРО-ДПМНЕ го зголемила истиот на пет! ПОГОДЕТЕ ЗОШТО. Се сеќавате ли на некој од потпретседателите? Јас само на еден, на г-динот Мисовски од НСДП. Ама, сигурна сум дека другите потпретседатели, иако НИКОГАШ НЕ СЕДНАЛЕ НА претседателското СТОЛЧЕ, освен ако не се сликале МЕЃУ СЕДНИЦИТЕ за ДОКУМЕНТИРАЊЕ НА ВАЖНИОТ СТАТУС, не ги заборавиле значително повисоките плати од пратеничките, кабинетите, колите, шоферите, асистентите!
Па, не сме во Шведска па кралот и премиерот да одат пешки и да уживаат во тоа. Треба сите да ги видат колку се „важни“ !
Зошто ПЕТ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ? Заради ПОШИРОКИОТ простор за ТРГОВИЈА СО ФУНКЦИИ, со статуси.. за задоволување на НЕЗАДОВОЛНИТЕ од поделбата на фукциите, заради поткусурување, заради ВЛОГ во проширување и зацврстување на коалицијата….Попусто дававме дузина компаративни примери на далеку поскромен број потпретседатели на парламенти за да ја докажеме несразмерната МЕГАЛОМАНИЈА, да го оневозможиме срамното ФРЛАЊЕ НАРОДНИ ПАРИ, да укажеме дека во време на криза што ќе се продалaбочува, штедењето треба да почне од нас, ама….„тоа била битка за политички поени на ВМРО- ДПМНЕ“, изјави „ ВИТЕЗОТ“!
Јас, пак, водена од реалната македонска состојба, но и од компаративните парламентарни искуства, се залагав за ДВАЈЦА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИ, по примерот на малата, но БОГАТА Швајцарија, ама…. следеа СМЕШНИ ТЕЗИ дека не морала да се активира одлуката за пет потпретседатели….?! Па ЗОШТО ЈА ИЗГЛАСАА тогаш, зошто не двајца или тројца, туку пет потпретседатели?
Заради ПАЗАРЕЊЕ со ФУНКЦИИ и СТАТУСИ, се разбира, со незадоволните од досегашните кафанско- политички договори ПАРТНЕРИ, но и со можни нови партнерства при гласањето! Згора, да не забораваме дека ГОСПОДАР НА ПРОЦЕДУРАТА Е СДС СО ВЕРНАТА КОАЛИЦИЈА, дружината од 62 пратеници, па ќе избере кого сака, затоа што изборот на потпретседателите е ист како и на претседателот, согласно членовите 27 и 28 од Деловникот.
Исто така, НЕ СЕ РАБОТИ за заменици на Претседателот, туку за ПОТПРЕТЕСЕДАТЕЛИ со надлежности утврдени во член 62 и 63 од Деловникот: остварување на пратеничките права; утврдување на динамиката на седниците; соработка со странски параламенти и делегации; прослави на значајни настани; унапредување на работата на Собранието. Особено е важно што во член 63, став (2) се вели дека: „Претседателот на Собранието со ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ и КООРДИНАТОРИТЕ на пратеничките групи РАБОТИ ВРЗ ОСНОВА НА УСОГЛАСУВАЊЕ на ставовите.“Прашувам: Дали е предлогот на господинот Заев во согласност со ставот (3) на членот 21 од ДЕЛОВНИКОТ, ама кој го чита ДЕЛОВНИКОТ? ВМРО-ДПМНЕ САМО ќе одлучи што ќе прави, ама, не под условите на г-дин ЗАЕВ, оти, според Деловникот, му припаѓа едно потпретседателско место, како на најголема опозициска партија. Но, ова не значи дека ВМРО- ДПМНЕ ќе предложи потпретседател, во услови кога не беше усвоен предлогот за редуцирање на потпретседателите на тројца и враќање на решението пред 2016!
Се надевам дека сега се појасни работите околу потпретседателските места. Ако не Ви се, прочитајте го Деловникот, пред да КОМЕНТИРАТЕ И ЗАКЛУЧУВАТЕ!
Уште еднаш, не заборавајте ги зборовите на Дизраели, почитуван британски пратеник и премиер дека моментот на формирањето на Владата наликува на оној пред хранењето на животните во зоолошките градини! Многу гладни политичари ЗА МОЌ имаме!, пишува Силјановска Давкова.