Македонија 08. мај 2020. / 13:18

Гордана Сиљановска: Бугарија се обидува да ја ревидира договорената бугарско-македонска јазична клаузула

Гордана Сиљановска: Бугарија се обидува да ја ревидира договорената бугарско-македонска јазична клаузула

Професорката и носителка на листата на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица еден Гордана Сиљановска – Давкова смета дека последните провокации од Бугарија, но и дел од коментарите во Македонија за македонскиот јазик се обид за ревизија на веќе договорената бугарско-македонска јазична клаузула.

Целата анализа во продолжение:

Предвечерието на почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ заличува на „зона на самракот на меѓународното право“ на европската периферија, во која слушаме чудни, заканувачки политички гласови, кои што, ем повикуваат на почитување на договореното, ем инсистираат на недоговореното, односно оддоговореното, а згора, упатуваат ултиматуми и закани.
Која е договорената бугарско-македонска јазична клаузула?

1. Во 1999 година, усвоена е „Заедничка декларација“, отпечатена во две оригинални копиии, секоја на официјалните јазици на двете земји, БУГАРСКИОТ јазик, согласно Уставот на Република Бугарија и МАКЕДОНСКИОТ јазик, согласно Уставот на Република Македонија, двете, подеднакво автентични!

2. Во 2017 година, потпишан е „Договорот за пријателство и добрососедство “, во две оригинални копии, секоја на официјалниот јазик на договорните страни, МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, согласно Уставот на Репубилика Македонија и БУГАРСКИОТ ЈАЗИК, согласно Уставот на Република Бугарија, обата текста со подеднаква важност.

3. Еден од новите бугарски услови за потврда на македонската преговарачка рамка со ЕУ е прифаќање на ЕДНОСТРАНАТА, БУГАРСКА РЕВИЗИЈА на договорената јазична клаузула, според која, за македонскиот јазик, како официјален /службен јазик, стоеше : „МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, СОГЛАСНО УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“. Имено, Република Бугарија бара бришење, всушност ОБЕЗИМЕНУВАЊЕ на „МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК“, како „јазик што го зборува населението на Република Северна Македонија“ и прифаќање на редуцирана и ревидирана формулација : „ОФИЦИЈАЛЕН ЈАЗИК НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“, во сите ЕУ документи, ставови и изјави, вклучително и во Преговарачката рамка и избегнување на интерпретацијата дека се признава постоењето на посебен, т.н „ МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК“!

4. Во зоната на самракот на меѓународното право, Република Бугарија, но и ЕУ, која ја ПРЕВИДЕ Хашката пресуда, па дури и замижа пред IUS COGENS, сега бараат целосна имплементација на договорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ членките, што ќе рече Хеленската Република/Република Грција. Но, еве што вели Преспанскиот договор за македонскиот јазик, како службен јазик, во член 1(3)(ц): „ Официјален јазик на Втората страна е МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК, признат на Третата конфренција на на ООН за географски имиња, одржана во Атина во 1977 година, како што е елаборирано во член 7 (3)! Јас, се разбира, не го менувам својот став кон Преспанскиот договор и не се повикувам на него, ама Бугарија и ЕУ инсистираат на неговото спроведување.

5. Очигледно е дека Република Бугарија, ОМОЌЕНА со статусот: членка на ЕУ, арогантно западнала во себеконтрадикција! Ем е „за почитување“ на меѓународното право, ем не го признава и МУ ПРОТИВРЕЧИ!

6. На потег е ЕУ, која што ОБЗНАНИ необусловен почеток на нашите преговори за членство!

7. Проф. Џозеф Вајлер, во Предговорот на „ Уставот на Европа“ ( „Има ли новото одело свој цар“ и други есеи за европската интеграција), укажува дека, во досегашниот процес на проширување, на „кандидатите“ од Централна и Источна Европа ЕУ им додели улога на СИРОМАШЕН РОДНИНА, укажувајќи на психологијата на умот на „кандидатите“, кондензирана во прашањата: Дали ќе им се допаднам? Дали ќе бидам доволно добар кандидат? Наместо досегашната ИГРА: „молчи и слушај“, потребен е РАМНОПРАВЕН ДИЈАЛОГ меѓу членовите и кандидатите.

Тој смета дека и „кандидатите“ треба да имаат можност за влијание врз европската иднина. На новопримените членови на ЕУ им замера на тивкото задоволство што ги оставиле зад себе “ ДРУГИТЕ“, комплицирајќи им го патот, наместо да им го олеснат.

Интелектуалците од Истокот, смета тој, се однесуваат кон ЕУ како Европа кон САД во повоениот период, со резигнирано прифаќање на материјалната и политичка супериорност, наместо рамноправно да расправаат за ИДНИНАТА НА ЕУ. Ја критикува НОВАТА КЛАСА на „ добро платени мајстори за преуредување на Истокот, главни актери во НОВАТА ИНДУСТРИЈА на адаптирање на системот кон оној на ЕУ. Не го прифаќа ЕВРОМАНДАРИНСКИОТ ДУХ, со тврдење дека Европската унија не ја поседува ДУШАТА на Европа. „Не рецитирајте и ОДИ на ЕУ“, вели Вајлер, пофалете го она што е за фалење, но критикувајте го она што е за критика“!

8. Посакувам балканските политичари да го сменат политичкото поведение, искрено подржувајќи ги оние со кои делеле добро и зло во историјата, докажувајќи дека Балканците се политички Европјани!

9. МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК е НАЦИОНАЛНА, КОЛЕКТИВНА и ИНДИВИДУАЛНА ТАТКОВИНА на МАКЕДОНСКИОТ НАРОД, како што БУГАРСКИОТ ЈАЗИК е за бугарскиот, ГРЧКИОТ за Грчкиот, СРПСКИОТ за Српскиот, ХРВАТСКИОТ за хрватскиот, ЦРНОГОРСКИОТ за Црногорскиот, СЛОВЕНЕЧКИОТ за Словенечкиот, БОШЊАЧКИОТ за Бошњачкиот. МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК е неразделен ЕЛЕМЕНТ од МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛНИОТ ИДЕНТИТЕТ и на ПРАВОТО на САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ!