Во Охрид од присутните на семејна прослава со околу 200 лица досега се регистирани осум позитивни на Ковид-19, а 40 контакти се во изолација, додека од семејна прослава (свадба) во Скопје каде имало стотина присутни досега се потврдени 14 позитивни, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Не може да се прават свадби кога е тоа е забрането. Не може да се собираат граѓаните и притоа да не се почитуваат мерките, тоа е недозволиво, вели Филипче.
Тој потенцира дека епидемиолозите во случајов имале голем проблем, бидејќи присутните на свадбата одбивале да соработуваат.
Според Филипче, голем проблем во земјава претставува фактот што голем број од заболените од коронавирусот не даваат точни податоци на епидемиолошката анкета и одбиваат да ги кажат контактите.