Според предвидената агенда за посетата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на Република Македонија, по средбата со претседателот Стево Пендаровски во вилата Водно, тој положи цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, пишува Република.
Црногорската делегација од Водно на Кале замина во придружба на претставник на Кабинетот на Пендаровски, Гоце Карајанов, и министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска, но не и на претседателот Пендаровски.
Имајќи го превид актуелниот контекст во чиешто средиште се изјавите на Пендаровски за Гоце Делчев, неговото отуство може да се протолкува повеќе како избегнување отколку како практика странските делегации да се раздвојуват од домаќините.
Несреќната изјава на Стево Пендаровски дека Гоце Делчев се декларирал како Бугарин, дадена во јуни годинава од бугарската страна беше пречекана еуфорично, како конечна потврда дека иако се борел за независност на Македонија, Делчев бил Бугарин.
Му честитам на македонскиот претседател, г-дин Пендаровски! За првпат од 1944 година ја слушаме од Скопје вистината за Гоце Делчев! Да, тој се прогласи за етнички Бугарин, без толкувања!, напиша тогаш бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.