Македонија 23. март 2020. / 18:30

Ѓубреџиите на удар: Зошто нема обележани кеси за отпад за лицата во самоизолација

Ѓубреџиите на удар: Зошто нема обележани кеси за отпад за лицата во самоизолација

Дали отпадот кој го создаваат луѓето заразени со корона вирус а кои се на домашно лекување треба да се третира како медицински отпад? Одговор на ова прашање побаравме од Министерството за животна средина, но до објавување на овој текст истиот не го добивме.

По дефиниција, медицинскиот отпад се создава во медицинските и здравствени институции и истиот поради своите специфични карактеристики бара посебен третман кој е регулиран со Закон за управување со отпад.

Но, што е со речиси 5.000 илјади лица во земјава кои се наоѓаат во самоизлолација? Каде и на каков начин тие го одложуваат отпадот, нивните лични предмети, особено материјалите за еднократна употреба, како што се марамчиња од хартија, ракавиците и маските, а исто така и за отпадот по чистењето на нивните простории?

– Нема дилема дека отпадот од оние кои се лекуваат во домашни услови е извор на зараза и бара посебен третман, вели за Лидер, поранешниот заменик-министер за животна средина Стево Темелковски, додавајќи дека и ракавиците и маските за лице кои граѓаните ги носат периодов се потенцијален извор на зараза доколку не се одложуваат како што треба.

Во суштина, вели тој, апелите се светски. Потребно е околу контејнерите за отпад да се води хигиена. Посебно што тоа е еден ланец кој бара големо внимание на хигиена, начин на транспорт и третирање на отпадот и најважно однесувањето на човекот да исплива на прв план во вакви моменти.

-Посебно на удар се врабоетните во комуналните служби. Покрај нив и ромската популација која собира секундарен отпад, пластични шишиња и буричка по контејнери. Многу може да се заразат имајќи предвид тоа што корона вирусот останува на површините подолго време. Верувам дека местата за одложување на отпадот се дезинфицираат како и депониите каде завршува, вели Темелковски.

Предлага додека трае состојбата со заразата, посебно со луѓето кои се на домашно лекување, да се изработат пластични кеси со ознака за посебен отпад и да се дистрибуираат кај секој заразен со корона вирус. На тој начин би се вршело безбедно одлагање на отпадот и за граѓаните и за комуналните служби.

На сајтот на Министерството за животна средина, како и на официјалниот фејсбук профил на институцијата, единствени информации поврзани со превентивни мерки против корона вирусот кои министерството ги преземало, согласно вонредните мерки, се корисниците на услугите да не доаѓаат во просториите на МЖСПП и барањата да ги испраќаат електронски.