Македонија 30. јануари 2021. / 20:42

Гаши: Изјавата на Села е извадена од контекст, не верувам во покана за влез во Владата

Гаши: Изјавата на Села е извадена од контекст, не верувам во покана за влез во Владата

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши вели дека не верува дека ќе дојде до тоа да размислуваат со Зијадин Села за напуштање на опозициските редови.

Во вечерашното гостување во Дневникот на Телевизија Сител, одговарајќи на прашање во врска со изјава на неговиот коалициски партнер Зијадин Села за можен влез во Владата ако се донесе законот за државјанство, Гаши рече дека не верува дека ќе дојде до тоа.

– Секојдневно гледаме како власта прави големи грешки и ниже порази. Но ние со Села сме коалициски партнери и имаме одлична комуникација. Ако дојде до таква понуда, ќе седнеме и ќе разговараме. Ама не верувам дека ќе дојде до тоа, рече Гаши.

Тој вели дека законот за државјанство за лица кои со години, па и децении живеат во земјава, а не им е решен статусот, е една од клучните точки од изборната програма на Алијанса/Алтернатива.

Во однос на поддршката од пратеници на Алијанса/Алтернатива за Законот за попис, Гаши рече дека опозициската коалиција покажала конструктивност за прашање што е од интерес на граѓаните.

– Ние прво баравме да не се одржува попис оваа година, поради здравствената ситуација. Потоа поднесовме амандмани што не беа прифатени. Сепак, мислиме дека е битно после толку години да имаме попис и дека е тоа во интерес на граѓаните. Сакавме да бидеме конструктивни, затоа што опозицијата не е во Собрание само за да кочи и опструира, туку треба да биде коректор на власта. Имавме ист пристап и за економските мерки, рече Гаши.

Неговата партија има четворица пратеници, а коалициската Алијанса за Албанците осум.