Со средства од Фондот за здравствено осигурување ќе биде одблокирана сметката на Клиниката за гинекологија и акушерство, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Денеска министерот имал состанок со директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија каде одлучија блокираната сметка на КГА да биде одблокирана со аванс од фондот. Авансот е во висина колкава што е сумата за блокираната сметка, но, како што информира министерот, не станува збор за средства кои се скратени од некаде туку, за дополнителна сума пари.
– Ќе се обезбеди дополнитена сума пари во форма на аванс. Таа сума ќе биде достапна за Клиниката за гинекологија во текот на денешниот ден или евентуално заради близината на празниците во текот на наредната недела во вторник. Проблемот е решен и сметката ќе биде ослободена за нормално функционирање на клиниката, изјави Филипче.
Министерот исто така додаде и дека работата и нормалното функционирање на клиниката не се загрозени, ниту платите на вработените.
Сметката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство неколку денови беше блокрана поради извршување на судските одлуки во врска со тужбите поднесени од родителите чии деца останале слепи во 2008 година.