Македонија 25. март 2019. / 16:59

Фрчкоски од Стојан Андов бара 14 500 евра за навреда

Фрчкоски од Стојан Андов бара 14 500 евра за навреда

Во решението на скопскиот Граѓански суд за привремената мерка забрана за продажба на книгата на Стојан Андов „До атентатот и по него“ пишува дека вредноста на спорот е 900 илјади денари или приближно 14,5 илјади евра.

Толкав износ побарува тужителот, универзитетскиот професор Љубомир Данаилов Фрчкоски, од поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

Решението на скопска „двојка“ го обжалиле адвокатите на Стојан Андов пред Апелациониот суд во Скопје.

Привремената мерка на првостепениот суд стапила во сила на 11 март 2019 година, а важи до правосилно завршување на постапката за утврдување одговорност за клевета и надомест на нематеријална штета.

Адвокатот на Фрчкоски на рочиштето изјавил дека книгата на Андов изобилува со клеветнички факти, неосновани, непоткрепени и целосно бесмислени, тешки обвинувања за тужителот со намера да му се нанесе штета на неговиот углед, без притоа да се направи процена за последиците што содржината и пораката на оваа книга ќе ги предизвикаат во јавноста и за неговото семејство.

„Содржината на книгата и наводите изнесени во неа содржат сериозни обвинувања за тужителот дека е сторител на повеќе кривични дела, дека е организатор и извршител на атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров, дека е убиец и низа други кривични дела“, пишува во решението на судијата Нухи Рустеми и двајцата поротници.

Адвокатот на Андов, пак, посочил дека наводите се изнесени во книжевно дело, каде што тужениот имал основана причина да поверува во нивната вистинитост бидејќи станува збор за носител на јавна функција и е од јавен интерес. „Повеќето од клеветничките изјави се изјави на други луѓе и јавно објавени, а се однесуваат на наводите во врска со атентатот на тогашниот претседател Киро Глигоров“, изјавил адвокатот на Андов на рочиштето.