Европската Унија се справува со одредени организациски ограничувања што треба да бидат надминати, па дури потоа Македонија да се интегрира во Унијата. Кога одредено царство се шири, тогаш губи од својата ефикасност, проширување на Европската Унија е заеднички предизвик што треба да го надминеме, рече францускиот амбасадор во Рeпублика Македонија, Кристијан Тимоние, по што додаде дека постојат пречки кои треба да бидат надминати кога станува збор за зголемување на бројот на членки во ЕУ.
-Не велам дека европската интеграција на Македонија е под закана, но сепак секогаш треба да ги учиме лекциите од историјата и треба да знаеме врз какви вредности ќе треба да изградиме посилна Европа, вели Тимоние.
Според францускиот амбасадор, главната формула за успешно интегрирање е внесувањето оптимизам и трпение во целиот процес. Со други зборови, Тимоние кажа дека ЕУ моментално не е спремна да прими нови членки бидејќи сè уште се рехабилитира од финансиските проблемите што ги имаше.
-Финансиската криза беше силен удар за ЕУ. Ни претстои голема работа, особено во одлуките кои треба да ги донесеме. Новите партнери на ЕУ нè научија на многу работи во однос на демократските вредности. Бараме трпение за да ве пречекаме во куќа која ќе биде стабилна и каде ќе го имате вашето заслужено место. Очекуваме повеќе и од вас, има доста работи кои треба да ги промените, а една од најважните работи е помирување и соработка помеѓу различните политички сили во државата, вели Тимоние.