Со првите дози на „Фајзер” вакцините кои ги добивме како донација утрово од Србија, в среда ќе почне вакцинирањето против коронавирусот во нашата земја, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
Станува збор за 4680 од вкупно 8000 вакцини кои треба да дојдат од Србија.
Министерот потенцира дека вакцинацијата ќе почне со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, каде што од Табановце беа донесени вакцините. Пратката стигна со полициско обезбедување по што вакцините беа сместени во специјален фрижидер.
Целата пратка всушност беше спакувана во една кутија на која имаше ознаки за зачувување на содржината на пратката. При транспорт на вакцини за Ковид 19, поради значењето на постојана студена температура, вакцините се префрлаат и транспортираат во специјализирани (Фајзерови) кутии за транспорт во кои со помош на сув мраз температурата се одржува на оптималните -70 степени (дозволено е максимално температурата да падне или да се качи за 10 степени Целзиусови). И овие термални кутии ги произведува Фајзер.