Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес присуствуваа на отворањето на заедничкото Стрелиште на Армијата и МВР во касарната “Илинден”.
Обраќајќи им се на присутните Шекеринска истакна дека со ставањето во функција на Стрелиштето, безбедносните сили добиваат уште еден капацитет со кој се зголемуваат можностите за развивање на вештините на својот персонал.
“Овој заеднички проект со МВР освен што ја афирмира соработката меѓу двете водечки институции од безбедноста, значи и заштеда на ресурси и пари, но она што е важно за нас како членка на НАТО е дека ова стрелиште ќе додаде дополнителна вредност во нашата лична карта во НАТО бидејќи ќе биде и наш државен капацитет кој ќе се користи во вежбите кои ќе ги спроведуваме заедно со членките на НАТО или со некои од партнерите. Особено ми е драго што во услови на прогласена кризна состојба каде што главниот товар падна на товар на здравствените власти, но и на полицијата и на Армијата во нејзина поддршка, покажуваме дека знаеме како треба да соработуваат институции кои што се задолжени за најважните работи во државата”, рече министерката.
На отворањето на Стрелиштето присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски и други истакнати личности од врвот на двете институции.

Овој објект е плод на заедничката соработка на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, на експертите и професионалците од двете институции, кои што и во годините наназад покажаа дека можат и знаат заеднички да соработуваат и работат. Континуирана и истовремено квалитетна професионална обука на сите припадници на безбедносните служби, директно вклучени во остварувањето на безбедносната заштита на правниот поредок, на материјалните добра, на животот и сигурноста на секој наш граѓанин, остануваат наш врвен приоритет, изјави Спасовски.
Стрелиштетото ќе биде наменето за вежби во ноќно и дневно гаѓање и урбана борба, и освен полициските специјалци ќе го користат и трите елитни баталјони на Армијата – специјалните сили, извидница и воено разузнување и воената полиција.