Директорот на Клиника за очни болести, Христијан Дума, демантира дека „не почитувал препораки за изолација и ставил во опасност свои колеги и вработени на комплексот Клиники од зараза со коронавирус“.
Дума вели дека на 10 март, еден ден откако на неговата сопруга и беше одредена самоизлоација, писмено се обратил до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за добивање на насоки за натамошно делување како здравствен работник и Директор на Универзитетската клиника за очни болести. Во обраќањето напоменал дека сопругата веднаш се самоизолирала во посебен стан на друга адреса.
Според она што сте го презеле, постапено е правилно, односно сопругата е во самоизолација во друг стан. За Вас нема посебни препораки, како контакт од втора линија, се додека нема промена на Вашата здравствена состојба – бил одговорот од ДСЗИ за Дума кој во целост го споделува со јавноста.
Дума во дописот со медиумите тврди дека со тоа тој целосно ги почитувал препораките на здравствените власти.
Сепак, д-р Дума, не објаснува зошто тој не ја почитувал препораката за задолжителна самоизолација по враќање од странство. Имено, тој на шести март, бил во во Србија на лекарски конгрес, а тоа може да се потврди и преку фотографии споделени на социјалните мрежи.
Самиот Дума не наведува дека за својот престој во Србија го известил Државниот санитарен и здравствен инспекторат кога побарал препорака како да се однесува, односно дали треба да остане дома во самоизолација.
Од тука, се поставува прашањето зошто по враќањето од Белград, д-р Дума не останал две недели во самоизолација туку продлжил да оди на работа со што ја зголемил опасноста од можна зараза за некој од вработените во Очната клиника или воопшто Клиничкиот центар.