Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека го сака Западен Балкан на своја страна и се заложи за паралелни процеси на ревизија и одвивање на пристапните процеси на земјите кандидати.
– Стратешки е апсолутно важно колку е можно појасно да му покажеме на Западен Балкан дека го сакаме на наша страна и оти имаме голем интерес за негово приближување кон ЕУ – порача Фон дер Лајен.
Таа по првиот состанок со новиот тим на комесари нагласи дека одлуката за неотворање пристапни преговори со Македонија и Албанија била „стратешка грешка“ на ЕУ.
Претседателката на ЕК оцени дека е важно ЕУ да се држи до идејата за пристапни преговори, но, исто така, е суштински да се слушнат позициите на земјите членки кога станува збор за измените во рамки на тој процес.
– Кога станува збор за пристапните преговори сметам дека треба измените на процесот да се движат паралелно, односно на земјите да им се даде можност да почнат пристапни преговори – изјави Фон дер Лајен.