Македонија 23. јули 2019. / 09:06

Финален удар на основното образование

Финален удар на основното образование

Деновиве во државава актуелен е рекетот, кој луѓе од власта и блиски до власта брутално го вршат каде што ќе стигнат. Додека сите чекаат разврска на случајот кој го отвори ОЈО, во Собранието на Република Македонија се случуваат работи, т.е. се предлагаат закони кои се од суштинско значење за државата. Еден од тие закони е Законот за основно образование.

пишува: Доц. д-р Самоил МАЛЧЕСКИ

По не знам кој пат, надлежниот Министер предлага законско решение без никаква анализа на состојбите, без никаква стручна и научна расправа и од процесот ги исклучува сите оние кои знаат и имаат што да кажат на тема образование. Иако министерот ветуваше дека со законот ќе понудел суштинска реформа, оти тој к’о „елитен“ кадар не се занимавал со ништо друго, останува впечатокот дека законот е подготвен од луѓе кои во суштина не го познаваат образованието, а најмалку основното образование.

Многу ќе помислат дека ќе пишувам за целосната инклузија на децата со посебни потреби, тема која многу често е актуелизирана во последниот период но, сепак, во законот има нешто што е исто толку битно како и лошото решение за целосната инклузија. Пред да продолжам, сакам да напоменам дека со законот се прави невиден злостор врз овие деца. Тука без да навлегувам во посебна дискусија, ќе се обидам да пренесам мислење на една моја колешка со која делам ист став, а тоа е: „Намерата е да не постојат посебни паралелки, кои во практиката се најдоброто и најпотребното решение за учениците со посебни потреби. Тие се посебни и затоа им е потребно посебно внимание за да се осамостојат во животот. Низ животната практика тоа е докажано и не може туку така да се избрише и да се инклузира. Во инклузија тие дечиња се отфрлени од средината, неприфатени, осамени, несреќни. Насмевката на нивните лица е меѓу своите, во својата посебност.“ Тука сакам да потенцирам дека министерот повторно ја излажа јавноста, ветувајќи дека ќе ги прифати забелешките на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој е единствена научна установа во Република Македонија која што се занимава со ова прашање и подготвува кадар за работа со децата со посебни образовни потреби.

Она за што сакам да зборувам, наспроти многуте небулози, исто така е од суштинско значење. Тоа е местото на наставниците и стручните соработници во самиот закон. Прво, неприфатливо е носителите на дејноста во основното образование да бидат категоризирани како даватели на јавни услуги. Некој мора да сфати дека колегите во основното образование не се шалтерски или слични работници, тие се носители на дејноста и клучна алка без која овој подсистем не може да функционира. Кога може докторите по закон да се доктори, судиите да се судии, може и наставниците и стручните соработници со законско решение да се наставници и стручни соработници, а не даватели на јавни услуги.

Понатаму, предлагачот на законот прави суштински пропусти, кои не смеат туку така да поминат во Собранието на Република Македонија. Имено, со закон сите се заштитени од дискриминација, освен наставниците и стручните соработници. Во ниту еден член од законот, предлагачот не ги штити од дискриминација сопствените вработени.

Исто така, од предлог законот е испуштена уште една суштинска работа, а тоа се работните должности на наставникот и стручниот соработник. Ако во претходниот закон имаше цело поглавје посветено на ова, во овој закон не се споменува ниту збор. Во предлог законот, намерно или не, предлагачот не предвидува ни неделен фонд на часови на наставникот, а ниту пак работно време на стручниот соработник. Потоа, во предлог законот, пак намерно или не, испуштено е да се утврдат категориите и нивоата на работни места за наставниците и стучните соработници. Како некој при изработката на предлог законското решение да заборавил дека во основното образование постојат наставници и стручни соработници, а тие сепак се носители на дејноста.

Последното дава можност за манипулација со работното време на наставниците, нивна дискриминација по различни основи, поведување на дицсиплински постапки за „непослушните“ наставници, привилегирање на послу
шните наставници и произволности во работењето на испекциите и директорите. Зошто предлагачот направил ваков законски пропуст, искрено не ми е јасно.

Дека сето ова погоре изнесено е случајно, не ми се верува. Во МОН се уште има стручни и компетентни кадри кои не би си дозволиле вакви небулози. Останува впечатокот или прашањето кој од власта има против и што има против наставниците и стручните соработници вработени во основното образование, па решил да се пресметува со нив на вака перфиден начин.

Продолжува…