Македонија 24. март 2018. / 10:24

Филмот „Бикини Мун“ на Манчевски пред македонската публика

Филмот „Бикини Мун“ на Манчевски пред македонската публика

Во кино „Милениум“ вчера, 22 март,  во 20 часот  петтиот игран филм на Милчо Манчевски – американскиот „Бикини Мун“ ја имаше својата скопска премиера. Манчевски во целост го сними филмот во Њујорк со меѓународна екипа.

„Бикини Мун“ е современа трагедија за жена (улогата ја игра актерката Кондола Рашад), која била војник во Ирак и по враќањето живее како бездомник на улица во Њујорк, и затоа што е ментално нестабилна, и ја одзеле ќерката.

– Нејзиниот поглед на стварноста, затоа што е ментално нестабилна, затоа што е повратник, е одлична порта во испитувањето на она што не интересира во овој филм, а тоа е нашиот однос кон вистината и тоа како медиумите, во случајот документарниот филм, ја менуваат вистината за која известуваат, вели Манчевски.

Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија. На 38. Меѓународен филмски фестивал „Фантаспорто“ во Порто филмот ја освои специјалната награда од жирито.

Ќе биде прикажан и на фестивалите во Сарасота во Флорида, во Истанбул, има покана за  Филмскиот фестивал Менхетен во Њујорк, во Франкфурт и Нешвил во мај.

Во главните улоги се и Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Покрај режисерот Манчевски, во процесот на создавање на филмот од Македонија учествуваа и композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на визуелни ефекти Мишо Ристов.