Објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ е во финална фаза на опремување и адаптирање во ковид-центар и секој момент очекува да ги прими првите пациенти. Ваков чекор беше преземен по прогласувањето на кризната состојба, а на иницијатива на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче по што беше одржана средба со претставници на трите приватни клиники во земјава.
-На разговорите кои се одржаа беше прифатен предлогот на „Аџибадем Систина“ токму објектот на поранешната болница „Мала Богородица“ да се користи како нов ковид-центар. По постигнатиот устен договор од министерот за здравство, „Аџибадем Систина“ веднаш почна да го опремува овој капацитет и да го адаптира објектот во ковид-центар, на сопствен трошок, соопштуваат за Фактор од „Аџибадем Систина“.
Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Според договореното на средбите, Министерството за здравство ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од ФЗОМ).
-Се очекува издавање на дозволата за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третман на ковид-пациентите. Го очекуваме договорениот предлог на Министерството кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар и финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди договорот за соработка, потенцираат за „Фактор“ од „Аџибадем Систина“.