Македонија 26. август 2019. / 11:21

Европска Комисија: Заменик на Јанева ќе биде назначен согласно законите, ЕУ не планира да се меша

Европска Комисија: Заменик на Јанева ќе биде назначен согласно законите, ЕУ не планира да се меша

Европската Комисија смета дека на македонските политички сили е да изнајдат договор за замената на Катица Јанева во согласност со законот и потенцира дека нема никаква улога во овој процес.

Воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство на Северна Македонија беше дел од Договорот од Пржино помеѓу сите главни политички партии во земјата – вели за МИА, Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕК.

Таа потсетува дека Собранието го усвои законот со кој се етаблира СЈО и ја назначи Катица Јанева на функцијата специјална јавна обвинителка.

Нејзиниот заменик или заменичка ќе биде назначен согласно релевантните закони на Северна Македонија и Европската Унија немала и нема никаква улога во овој процес – додава портпаролката, запрашана за коментар околу дискусиите поврзани со процедурите за назначување на нов специјален јавен обвинител.

Европската Комисија не ги коментира јавно ниту деталите од преговорите помеѓу власта и опозицијата за иднината на СЈО, ниту случајот „Рекет“, но извори во оваа институција кои од блиску ги следат случувањата во Северна Македонија, за МИА велат дека она што е најважно за Брисел како и за земјите членки на ЕУ, е брза, но ефикасна и транспарентна истрага.

Ние не веруваме во личности, туку во институции, велат од Европската Комисија за МИА, на тоа секогаш сме инсистирале во нашите пораки и во нашите извештаи.

Фактот што Катица Јанева е искомпромитирана не мора нужно да значи дека целата институција е искомпромитирана – сметаат во ЕК.

Но се разбира, велат, очекуваат истрагата за „Рекет“ да ги донесе потребните одговори на дилемите кои се појавија, на брз, ефикасен и транспарентен начин.

Дипломатите во Брисел и функционерите во Европската Комисија, како и јавноста во Македонија, се затекнати од аферата „Рекет“ и очекуваат непристрасна истрага, и решение за СЈО кое ќе овозможи да се врати довербата во судството и во правната држава во земјата.

Од ова во голем дел ќе зависи и одлуката за датумот за преговори за Северна Македонија која се очекува во октомври – потсетуваат во Брисел.