По укажувањето од претседателот на Обединета македонска дијаспора, Методија Колоски, тројца од 11 европратеници што со писмо лобираа за Западен Балкан кај претседателот на Европски совет, Доналд Туск, се извинија за формулацијата „Северни Македонци“, пишува Експрес.
Колоски им испрати порака на „Твитер“ на сите 11 члена на Европски парламент, а позитивно одговорија Тања Фајон од Словенија и Чарлс Танок од Велика Британија.
„Lapsus lingvae (јазична грешка – н.з.). Жалам за тоа. Забележано и поправено во писмото до претседателот на Советот на ЕУ“, твитна во својо одговор Фајон, која е известувачка за визната либерализација меѓу ЕУ и Косово.
Но, отвореното писмо објавено на вебстраницата на еден од потписниците, германскиот европарламентарец Кнут Флекенштајн, сè уште си стои во првичната форма, без никакви корекции.
Танок, кој е известувач за Црна Гора, му одговорил на Колоски, аргументирал со него и изјавил дека станува збор за „техничка грешка“.
По Фајон и Танок стигна извинување и од Флекенштајн.
„Многу ми е жал, но на политичарите понекогаш им треба време за да научат. Македонците се Македонци, а не Северни Македонци. Нема да се повтори!
Веќе променето во официјалниот и-мејл до претседателот Туск“, твитна известувачот за Албанија и чест гостин на Македонија заедно со известувачот за неа Иво Вајгл и словачкиот европратеник Едуард Кукан, кои исто така се потпишаа на фамозното писмо, пишува Експрес.
Покрај непостоечките „северни Македонци“, во писмото со кое, меѓу другото, се бара датум за почеток на преговори со Република Македонија, таа упорно се нарекува „Северна Македонија“.
Тоа се коси со ставот на Брисел веднаш по потпишувањето на договорот со Грција, кога врвот на ЕУ нагласи дека ќе ѝ се обраќа на земјата со референцата од Обединети нации до целосното спроведување на договореното и евентуалното официјализирање на новото име по референдумот наесен.
Колоски истовремено ѝ се заблагодари на хрватската европратеничка Маријана Петир, основач и до февруари годинава шеф на Групата пријатели на Македонија во Европски парламент, за тоа што не се потпиша на писмото за кое нагласува дека е „дискриминирачка ревизија на македонскиот идентитет и кршење на човековите права од ЕУ“.
Извор: Експрес.