Македонија 02. ноември 2020. / 10:47

Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни болниците: Денеска ќе пристигнат 13 илјади брзи тестови

Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни болниците: Денеска ќе пристигнат 13 илјади брзи тестови

Нови 865 нови случаи со Ковид-19 од 2449 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за периодот од 24 часа во деноноќието меѓу саботата и неделата. Починати се десет пациенти, од кои четворица од Скопје (67 г., 58 г., 64 г. и 76 г.), двајца од Прилеп (70 г. и 73 г.), еден пациент од Битола (52 г.), еден од Охрид (77 г.), еден од Кочани (48 г.) и еден пациент од Пробиштип (76 г.). Регистрирани се 359 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 32436, бројката на оздравени пациенти е 21090, на починати е 1004, а бројот на активни случаи изнесува 10342.

Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се 691 пациент од кои 123 се на кислородна поддршка, а двајца се на респиратор.

Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Сите државни лаборатори, како што информира Министерството за здравство, располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање.

Министерот за здравство Венко Филипче во гостување на телевизија најави дека денеска ќе пристигне донација од 13 000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19.

Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето.  Тој посочи дека добиле голема сума пари со ребалансот на буџетот близу 40 милиони денари и ќе набават близу 100.000 тестови во следниот период за да одговорат на сите потреби.