Македонија 12. декември 2020. / 22:19

Епидемиолозите сметаат дека зимскиот распуст треба да почне порано

Епидемиолозите сметаат дека зимскиот распуст треба да почне порано

Зимскиот распуст можно е да почне порано поради празниците. Препораките од епидемиолозите се дека учениците треба порано да завршат со настава, пренесува Сител.

Здравствените власти не ја отфрлаат можноста да се донесе одлука за предвремено почнување на зимскиот распуст. Од понеделник ќе се дискутира и за ова прашање велат членови на Комисијата за заштита од заразни болести за телевизија Сител.

– Следната недела ќе разговараме и ќе донесеме одлука дали треба зимскиот распуст да почне порано. Направивме анализа и врз основа на сите фактори ќе се формира став по ова прашање. Ќе има и други рестриктивни мерки кои ќе ги соопштиме до средината на наредната седмица, велат од Министерство за здравство.

Ваков пример веќе има во повеќе европски земји каде учениците на една недела пред Божиќ ќе одат на распуст. Според епидемиолозите, ваквата одлука е донесена поради дружбата на децата со постарите роднини, а една недела дома пред празничниот ручек би било доволно за да се појават симптоми доколку го имаат вирусот.

Во Македонија, МОН е со став дека полугодието треба да заврши согласно наставната програма. Распустот почнува на 30-ти декември и трае до 21-ви јануари.

Според податоците од МОН велат дека училиштата не се трансмитери на заразата, а затоа и не планираат порано да почне распустот.

– Извештаите кои ги добиваме на дневна основа, покажуваат дека бројот на заразени ученици и наставници е помалку од 1 процент од сите кои следат настава со физичко присуство. Планот и протоколите се покажаа како добро обсмислени низ еден инклузивен пристап со учество на бројни засегнати чинители. Така што распустот ќе се одвива согласно календарот, велат од МОН.