На почеток сме на втората фаза и очигледно бројот на заразени со коронавирусот се зголемува. Досега во Прилеп се тестирани вкупно 280 лица, а од нив се чекаат резултати за 70 земени брисеви, изјави денеска Татијана Мургоска-Станимировиќ епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Прилеп. Во Прилеп со денешните нови 14 случаи вкупно се заразени 72 лица.
Од првиот случај кога го имавме на 24 март досега земени се материјали од 280 лица. Од нив, чекаме резултати за уште 70. Во моментов во Инфективното одделение во Прилеп се хоспитализирани 12. Од нив шест се потврдени, за три се чекаат резултати, а три се примени вчера. Двајца се во потешка состојба и се со кислородна поддршка. Се прифаќаат сите пациенти со сомневање за коронавирус, без разлика дали имале контакти со заболени. Има соба за изолација, а вклучено е и одделението за Физикална терапија. Имаме шест потврдени случаи на здравствени работници од кои четворица доктори, а за три случаи се чекаат резултати, изјави епидемиологот Мургоска-Станимировиќ.
Таа вели дека во оваа фаза тешко се следи изворот на заразата бидејќи има доста асимптоматски случаи.
Во оваа фаза имаме доста и асимптоматски случаи. Ние откриваме нови случаи и самите не знаат и не даваат податок дека биле во контакт со некој што имал симптоми. Можеби се заразиле од асимптоматски случаи, затоа не може да зборуваме за групирање. На почетокот знаевме како одеше заразата, сега, во оваа фаза не може да знаеме каде е изворот, зашто има многу такви групирања. Имаме случаи кога се прави епидемиолошка слика на заразен со изразени симптоми, се присеќава дека неговите блиски пред извесно време поминале со лесен евентуален грип, појаснува Мургоска-Станимировиќ.
Во петокот се направени контролни тестови на четири лица на кои им помина периодот на лекување и се чекаат резултатите дали се излечени, што се уште не може да се каже.