Македонија 08. март 2021. / 12:14

Епидемиологот Олумчев: Младите го пренесуваат британскиот сој на вирусот на своите фамилии

Епидемиологот Олумчев: Младите го пренесуваат британскиот сој на вирусот на своите фамилии

Во општините Гевгелија, Богданци и Дојран, кои се под ингеренција на Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија, расте бројот на млади лица заразени со Ковид-19, што придонесе да нема слободни кревети во модуларната ковид болница.

Епидемиологот Сашко Олумчев вели дека е присутен британскиот сој на вирусот, кој е за 70 отсто поинфективен од претходниот тип и дава за само неколку дена тешка клиничка слика со висока температура и бронхопневмонија.

– Од овој тип на вирус најчесто страдаат младите кои понатаму го пренесуваат во своите фамилии. Ако претходно младите покажуваа лесна клиничка слика, сега поради непочитување на протоколите и мерките за заштита,овој тип на вирус многу брзо влегува во младиот организам каде мутира и создава тешка симтоматологија, вели Олумчев.

Ако бројката на заразени продолжи и понатаму да расте, Олумчев изрази загриженост поради опаноста од недотаток на човечки ресурси и на капацитети за сместување на потешките случаи затоа што моментно сите 15 кревети во модуларнатаболница се пополнети, а на дневен третман континуирано има меѓу 40 и 50 пациенти.

– Поради ова сакам уште еднаш да апелирам строго да се почитуваат здравствените мерки и што е најважно пациентите навреме да се јавуваат на лекар, односно веднаш штом ќе ги почувствуваат првите симптоми, рече Олумчев.