Наредниот технички премиер за квалитетно раководење со владата треба да успее да ја пронајде средината помеѓу две крајности и да влезе во владата и да излезе од нејзе со чист образ. Ова е советот што првиот пржински премиер на Македонија за организирање избори, Емил Димитриев му го нуди на следниот премиер кој на 3 јануари ќе во владата. Во интервју за Прес24, Димитриев вели дека првата крајност која мора да ја знае идниот технички премиер е дека ниту од формален, ниту од морален аспект тој не е премиер со целосен капацитет.
-Од формален аспект тој е со утврден приоритет, а тоа е организирање и одржување на изборите, од морален аспект тој треба да знае дека мандатот за премиер му е доделен на друга личност која согласно закон мора да се повлече пред изборите. Втората крајност е тој целосно треба да е убеден дека од назначувањето за технички премиер, одговорноста за работењето на техничката влада е негова, дека тој не е таму да чува нечија фотелја, туку да одработи чесно и посветено чувајќи го својот и образот на целата влада. Новиот технички премиер треба да влезе со чист образ, но и со чист образ да излезе од оваа должност, тоа можеби раководството на неговата партија ќе му го заборави како придонес, но граѓаните нема, вели Димитриев во интервјуто.
Иако изборите се закажани за 12 април, сепак Димитриев вели дека периодот кој следува и искуството од 2016 година ќе откријат, дали Македонија ќе гласа на тој ден. Иако постои општествен амбиент за предвремени избори, Димитриев смета дека за поуверлива победа на опозицијата, потребно е оваа власт да го доврши својот мандат.
-Кога самиот премиер ќе каже дека ако не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, а не го добивме, владата е мртва, сметајте дека реалната состојба е многу полоша од тоа, затоа што овде субјективизмот во оценката на состојбата е очекуван. Притисокот за избори од јавноста и опозицијата е се погласен, се креира амбиент за предвремени избори, иако јас лично сметам дека за поквалитетна споредба и компетиција подобро е оваа влада целосно да го заврши мандатот. Ако некој се уште нема јасна слика за неа, веројатно тогаш ќе му биде полесно за одлучување. Тогаш и разликата во корист на опозицијата би била уште поголема со што ќе се добие стабилно мнозинство за предизвиците кои следат, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека новата влада нема право да разочара.
-Ќе бидам директен, сериозен дел од повозрасните го доживуваат времето на Југославија како време кога подобро се живеело, од друга страна голем дел од младите својата перспектива ја гледаат надвор од земјата, ако и понатаму продолжи разочарувањето од политичките елити сериозно ќе биде поткопан вековниот идеал за самостојна држава, потенцира Димитриев во интервјуто посочувајќи дека граѓаните го победиле стравот од власта која суптилно го креирала изминатиов период на повеќе начини.
-А кога се надминува стравот во едно општество се ослободува голема количина на енергија која правилно треба да се насочи, прво кон промени, а понатаму и во обнова на земјата. Победата на ВМРО ДПМНЕ овој пат споредено со 2016 година ќе биде со многу поголема разлика, како одат тенденциите на разлика во рејтинзите формирањето на владата е извесна работа, вели екс премиерот Димитриев во интервју за Прес24.
-ВМРО ДПМНЕ во иднина треба силно да се посвети во профилирање како модерна граѓанска десница, затоа што тоа е нашата реалност и иднина, тоа уште повеќе ќе ја доближи до сите етникуми од една страна, а од друга страна подготвен сум со денови да ја бранам тезата дека инвестирањето во модерно граѓанско општество е современиот македонски патриотизам и најдобар гарант на суверенитетот и интегритетот, вели во интервју за Прес24, Емил Димитриев, пратеник на ВМРО ДПМНЕ во Парламентот.
Целото интервју може да го прочитате на овој линк