Македонија 14. јуни 2018. / 14:10

ДЗС со помош од ЕУ ги зајакнува капацитетите пред пописот во 2020

ДЗС со помош од ЕУ ги зајакнува капацитетите пред пописот во 2020

Со работилница на која беа презентирани резултатите од твининг проектот „Поддршка на Државниот завод за статистика во градењето на капацитети и подобрување на усогласеноста на статистиките со стандардите на ЕУ“, денеска во Скопје беше означен завршетокот на 20-месечниот проект во вредност 742.000 евра од кои 95 отсто се помош од Европската унија, а пет отсто се кофинансирани од државата.

Проектот е спроведен од националните статистички институции на Италија и Словенија, кои преку 84 мисии и четири студиски посети работеа заедно со статистичарите од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Целта на проектот беше да се зголеми капацитетот на ДЗС за понатамошно подобрување на усоглсеноста со правото на ЕУ во областите национални сметки, економски статистики и социјални статистики.

– Проектот почна во октомври 2016 година и ќе заврши задутре. Првично беше планирано да трае 16 месеци, но Управниот комитет оцени дека треба да се продолжи за уште четири месеци, без промени во буџетот, со цел да се има пореална временска рамка за имплементирање на бараните методолошки подобрувања. Иако имаше промена на менаџментот на ДЗС на средината на проектот тоа не доведе до никакви проемни во неговата имплементација, рече директорот на ДЗС Апостол Симовски во своето обраќање.

Тој посочи дека проектот е голем чекор за усогласување на македонската статистика со европското законодавство како предуслов за пристапување во ЕУ. Нагласи дека се фокусираше на сецифични аспекти од националните сметки, економските статистики и социјалните статистики кои беа идентификувани како области кои бараат посебно внимание и подетална работа.

– Транзицијата кон европскиот систем на сметки 2010 продолжува поефикасно благодарение на знаењето стекната за време на овој твиниг проект. Потврдивме дека е применлив преминот од традиционален метод на спроведување на попис кон комбиниран метод на попишување и затоа пописот во 2020 година ќе се спроведе токму на овој начин, рече Симовски.

Тој, како што изјави пред почетокот на настанот, предлага во пописот да нема графа за националност и за верска припадност за да се тргне поплитиката од најважната статистичка операција и смета дека единствено нешто што треба да има во графите е јазикот на кој се зборува за да можат да се задржат стекнатите или да се добијат нови права.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, порача дека пописот во земјава е главен предизвик и додаде дека ЕУ е подготвена да го поддржи на сите нивоа.

– Статистика ослободена од политички влијанија може да го подобри животот во земјава, бидејќи е многу важно да се има прецизни статистички податоци, рече Жбогар.

Италијанскиот амбасадор Карло Ромео, посочи дека ИСТАТ, Националната статистичка организација на Италија, која е главен носител на твиниг проектот, има повеќе од 90 години искуство и функционира комплетно независно и е во постојана интеракција со академската и општата заедница во Италија.

– Преку овој и претходно спроведените твининг проекти вие сте посвесни за важноста на висококвалитетните статистички податоци во земјата како целина. Тоа е неопходно за да имате на располагање солидни и квалитетни податоци за донесувачите на одлуките за подобра анализа и мониторинг, рече Ромео.

Тој истакна дека пописот е само алатка за да се обезбеди ажурирана слика за многу аспекти од општеството и земјата и додаде дека најавеното одржување на попис во земјава во 2020 година само ќе го стави на тест ДЗС, но ќе биде неопходна и соработката од граѓаните и институциите за да се обезбедат квалитетни информации за креаторите на политиките.