Собранискиот спикер продолжи со работа, откако Собранието ја изгласа потребата од носење на измените на изборниот законик по скратена постапка.
Претходно, заменик-министерот за правда Оливер Ристовски ја образложи потребата за измена на изборниот законик образложувајќи пред пратениците дека се работи за измена на членот 27 со цел да се деблокира процесот за избор на ДИК.
„Определни закони бараат двотретинско мнозинство, како изборот на ДИК. Сепак, ваквото решение не смее да се претвори во спротивност, опозицијата да блокира. Венециската комисија го опфаќа и овој проблем. Владата предлага измени да се избрише двотретинско, и да влезе на сила на денот на објавување во Службен весник, по скратена постапка“, рече Ристовски.
Предлогот кој Владата го достави до Собранието за измени на изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Од Владата бараат измените на изборниот законик да се гласаат по скратена постапка, но опозицијата не се согласува со овој предлог.
„Демонстрирате неразумно политичко однесување. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во реформските закони и гласаше затоа што не се водеше од партискиот интерес туку од оној на граѓаните“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.