Од Движењето „Анти коцкање“ од Тетово на прес-конференција порачаа дека се сомневаат во искрените намери на власта за менување на законот за игри на среќа. Потенцираат дека не продолжила втората дебата на јавната расправа во Собранието за измените во законот.
– Се зборува за трансперентност, но се даваат нови одобренија за отворање нови казина. Не се изјаснија по поплавата на нови објекти за игри на среќа и затоа со право се сомневаме дека вокабуларот повеќе им е политички, а не адекаватно решение. Втора јавна дебата и расправа нема за законот за игри на среќа. Не сфаќааат или се однесуваат индолентно, вели Џемал Абдиу од Движењето „Анти коцкање“.
Според Движењето, наместо дислокација на објектите каде се приредуваат игрите на среќа, власта дава дозволи за отворање на нови.
– Годинава завршува со неуспех на Владата за одбрана на младина и народот од коцкањето и игрите на среќа. Сите ни даваат индивидуална поддршка од власта, но сметаме дека играат двојна игра и дека Владата не е сериозно ангажирана за решавање на оваа проблематика. Ветена е дислокација на казината и обложувалниците, а премиерот рече дека состојбата е алармантна. Меѓутоа, ништо не се презема во оваа насока, вели Абдиу.
Движењето „Анти коцкање“ бара објектите каде се приредуваат игри на среќа да бидат три километри надвор од населените места градовите, да се одвојува пет отсто од буџетот од игрите на среќа за реновирање на објекти од јавен интерес, како и да се направи национална стратегија за едукација околу опасностите кои ги предизвикува коцкањето. Првата јавна расправа во Собранието се одржа на 13 јуни.