Парламентарното мнозинство на чело со СДСМ го приватизира Собранието и им стана навика да го кршат деловникот, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, според кого, во Собранието важи само волјата на СДСМ и ДУИ, за кои Данев тврди дека им паднале маските.
„Како со Законот за јазици, така и со изборниот законик, тие грубо го злоупотребуваат европското знаменце и Комисијата за европски прашања“, рече Данев.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека изборниот законик никогаш не се носел без консултации со опозицијата, а не се ни разгледувал на Комисијата за европски прашања.
„Кога парламентарното мнозинство сака нешто да протурка на брзина, го користи европското знаменце и Комисијата за европски прашања“, додава Данев.
Со бурни реакции, меѓусебни навреди и бројни паузи се одвива амандманската расправа за измените на Изборниот законик што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува комисиската расправа за амандманите да трае до полноќ.