Д-р Ирина Пановска Ставридис од Клиниката за хематологија говори за открива како полесно може да се справиме со Ковид 19 во интервју за Плусинфо
Сметам дека ова откритие e навистина многу значајно. Реактивност на Т-клетките против САРС-КоВ-2 е забележана кај лица кои претходно не биле експонирани на овој вирус. Важно е да се каже дека сепак, изворот и клиничката релевантност на реактивноста на овие Т-клетки сѐ уште е непозната. Се претпоставува дека реактивноста е одраз на нашата Т-клеточна меморија-стекнат имунитет кон „обичните настинки“ предизвикани од различни коронавируси кои циркулираат низ светот. Ќе биде многу значајно да се дефинираат специфичностите на овие Т-клетки и да се процени нивната поврзаност со сериозноста на болеста ковид-19 и одговорите кон идните вакцини.
Т-клетките, или Т-лимфоцитите, се формираат за време на животот кога човечкото тело доаѓа во контакт со различни антигени. Може да се создадат како резултат на експозиција на организмот со антигени од ковид-19, но и некои други антигени кои се универзални и присутни на сите други вируси и на тој начин се создава тој таканаречен „вкрстен имунитет“ кој го добиваме кога ќе се излекуваме од одреден вид инфекција.
Се претпоставува дека меморијата на Т-клетките за САРС-КоВ-2 може да биде или корисна или ирелевантна. Имунолошката меморија може да е причина зошто некои луѓе кои се позитивни на вирусот се со лесни или без никакви симптоми или пак воопшто не го добиваат вирусот. Од друга страна пак, постои можност имунолошката меморија да биде и штетна, преку механизми наречени „оригинален антигенски грев“ (склоност да се добие потенцијално инфериорен имунолошки одговор токму поради имунолошка меморија кон сродни патогени), или пак антителата да посредуваат за појава на потешка форма на ковид-19. Иако нема директни докази кои би ги потврдиле овие сценарија, сепак, тие мора да бидат земени предвид.
Генерално кажано, сè уште има многу нејасни податоци како функционира оваа имунолошка „меморија“, но сметам дека тоа набрзо ќе биде разјаснето во идните нови студии, особено при развојот на вакцини, вели Пановска Ставридис.
Целото интервју на следниов линк.