Македонија 10. декември 2020. / 09:46

Дополнителни лекари ќе бидат ангажирани во ковид-центрите на интерните клиники

Дополнителни лекари ќе бидат ангажирани во ковид-центрите на интерните клиники

За 24 часа од компликации од Ковид-19 починаа 46 лица во државава, од кои најголем број – 19 се од Скопје.

Регистрирани се 504 нови случаи од направени 1470 тестирања и 731 оздравен пациенти, се наведува во вчерашниот извештај на Министерството за здравство.

Вкупниот број позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1376, а околу 160 празни болнички кревети има во ковид – центрите.

Третманот на болните, состојбата со капацитетите на ковид-центрите и ротациите со персонал беа теми на вчерашната средба на министерот за здравство Венко Филипче со директорите на Интерните клиники.

На состанокот се разгледуваше состојбата за достапност на болничка терапија за ковид-пациентите кои се хоспитализирани. И покрај зголемената побарувачка на одреден број лекови, доставата на терапиите оди тековно и нема застој. За некои лекови кои се користат во болниците, потрошувачката е тројно зголемена во однос на истиот период лани, но потребните колични се испорачуваат и нема недостиг од лекови. Во моментов има доволно слободни места на Интерните клиники, се следи состојбата со бројот и приемот на пациенти и доколку се појави потреба, ќе се отворат дополнителни капацитети за згрижување ковид-пациенти, соопштија од Министерството за здравство.

Оттаму посочија дека во сите ковид-центри на Интерните клиники ќе бидат испратени дополнителен број лекари.