Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернејшенел покажува дека, со освоените 35 индексни поени, Република С. Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од 5 места на ранг листата на земјите, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата, преку соопштение.
Оттаму појаснуваат дека според методологијата, за оценката на С. Македонија користени се 7 извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи.
„Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но за ефикасна борба покрај нормираноста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се сеуште широко распространети“, велат од ДКСК.
Од Антикорупциска велат дека нивното делување покрај другите надлежности е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
„Но за успешно завршување на детектираните случаи и надминување на воспоставените негативни состојби неопходна е и спроведливост на нејзините препораки, укажувања и иницијативи од страна на надлежните институции. Токму тоа е констатирано и препорачано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот од 2020 година“, појаснуваат од ДКСК.