Антикорупциската комисија ќе покрене иницијатива пред Јавното обвинителство за поведување постапка за политичка партија за незаконско финансирање за време на изборната кампања на предвремените парламентарни избори.
Овој заклучок беше усвоен на денешното продолжение на 45 седница на Државната комисија за спречување корупција.
„Постапувајќи по нашите надлежности ние во октомври доставивме барање до Државниот завод за ревизија и до Управата за финансиско разузнавање барање за надлежно постапување. Имаше сомневања дека дел од политичките партии се финансираат спротивно на изборниот законик, односно од недозволени извори на финансирање. Неодмана добивме одговор од Управата со кој се потврдија нашите наводи за незаконско финансирање на една политичка партија. Предлогот е за конкретната партија ние да покренеме иницијатива пред Јавно обвинителство за поведеување постапка, беше посочено на седницата, а заклучокот беше едногласно усвоен“, информира ДКСК.