Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, во емисијата „Утрински брифинг“ потврди дека „Антикорупциска“ добила осум „рамковно“ вработени административни службеници од Министерството за политички систем на првиот вицепремиер Артан Груби, но дека се задолжени да ја прилагодуваат систематизацијата за да ги интегрираат.
– Станува збор за помлади соработници, а нас можеби ни требаат виши советници. Сега ќе треба да се изврши обуката и да се прилагодува систематизацијата. Иако тоа е апсурдно, бидејќи ние се бориме против промени на систематизациите, кога се прават наменски заради вработувања, рече Ивановска во емисијата.
Таа рече дека добила ветување, но извисила за вселувањето во зградата каде што сега е министерството на Груби. Таму првично требало да се вселат ДКСК и Финансиска полиција, кои според Ивановска се поважни институции.
– Вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски прво ја избра ДКСК, беше запознат со сите проблеми и со сите предизвици. Детално беше запознаен со се. Разговара и со други министри и им реков дека во Европскиот извештај бара од државата да се залага во борба против корупцијата., а како сега ќе им објасните. Ми рекоа „Зарем таа зграда е?“, вели претседателката на ДКСК.