Добиваме нови информации за „Диво насеље“. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на дел од водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај. Не биле само тие двајца што имале контакти со службите за безбедност, вели директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој додава дека во однос на „Кумановскиот настан“ констатирана е неискреност кон Јавното обвинителство.
За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените – истакнува Муслиу во интервјуто.
По однос на двата настана, Агенцијата доставила две обемни анализи кои се предадени на јавното обвинителство. Со оглед на фактот што сме опфатени од пандемијата на Ковид-19, Муслиу најави дека очекуваате средба со јавното обвинителство по однос на овие настани за да видат како Агенцијата ќе може да помогне во расветлувањето на овие случаи.