Македонија 08. ноември 2018. / 11:25

Димитров-Мас: Задоволство од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа

Димитров-Мас: Задоволство од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, на вториот ден од работната посета на Берлин.

„На средбата, министрите разменија мислења за европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија, како и за динамичната билатерална соработка меѓу двете земји, на политички и на економски план. И во оваа прилика, Димитров повторно изрази благодарност за континуираната билатерална поддршка од СР Германија за имплементација на реформските процеси во Република Македонија, како и за значењето на Берлинскиот процес во овој контекст. Зборувајќи за домашната политичка ситуација, министерот Димитров нагласи дека и покрај предизвиците, можностите за позитивен исчекор и напредок се отворени за Република Македонија“, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Мас изразил задоволство од севкупниот прогрес во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа. Тој укажал на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата.

За време на работната посета на Берлин, Димитров, во интервјуа за Велт и Тагесшпигел, покрај прашањата за евроинтегративниот процес на Република Македонија и Договорот од Преспа, даде свој осврт и за улогата на Сојузна Република Германија во Југоисточна Европа.