Македонија направи грешка со изборот на Владо Бучковски за специјален претставник во спорот со Бугарија, смета градоначалникот на Куманово и член на Централниот одбор на СДСМ, Максим Димитриевски.
Во гостување на телевизија „Сител“, Димитриевски посочи дека при изборот на Бучковски не биле земени предвид неговите порано јавно искажани ставови.
– Владата направи голем лапсус со изборот на Владо Бучковски затоа што требало да се види неговото интервју за ТВ „Европа“ кај почитуваниот новинар Ѓорѓи Коритаров. Таму многу јасно и недвосмислено зборува за некои моменти кои не се дел од општоприфатливата историја која почива на факти коишто се втемелени кај нас и мислам дека тој нема да даде придонес во развојот на наметнатите проблеми, изјави Димитриевски.
Тој вели дека на овој начин се прави самонегација и Владата морало да го има предвид ставот на Бучковски при неговото назначување.
– Во моментов се дикутира за нешто што е непобитен факт, истакнува Димитриевски.
Тој вели дека нема простор за преговори за идентитетот, како ни за Гоце Делчев кој се родил, живеел и се борел за Македонија.
– Лесно е да се правите силен на послабиот, но верувам дека ќе изнајдеме начин како да го надминеме тоа, вели Димитриевски.