Македонија 21. јануари 2020. / 15:52

ДИК се прогласи за ненадлежна за барањето на Чулев

ДИК се прогласи за ненадлежна за барањето на Чулев

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница едногласно го отфрли како недозволено барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и оти тој не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите. Барањето на Чулев е членовите на највисокото изборно тело во државата да го толкуваат членот 46 од Законот за Влада и надлежностите.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски на седницата констатира дека се потребни консултации од страна на техничката Влада со ДИК и со сите инволвирани институции во организација и спроведување на изборите за да се расчистат одредени дилеми при имплементација и спроведување на законските одредби за да нема вакви ситуации, ДИК да одлучува за кое било прашање надвор од нејзиниот домен на работа и од опфатот на законските одредби кои го регулираат нејзиното постапување.

-Апелирам што поскоро да одржиме еден таков консултативен состанок за да не се доведуваме во ваква ситуација, рече Деркоски.

Членот на ДИК Борис Кондарко истакна дека барањето е воопштено и оти тие по закон не се овластени на тој начин да даваат мислења или толкувања на закон.

– Не сме овластени по закон да даваме мислења. Ние како ДИК не даваме оценки на законитост ниту на конкретни акти. Тоа го прави судот во судска постапка. Она што е предмет на ова барање практично е толкување на законска одредба од Законот за Влада за постапувањето на министрите и дополнителните заменици министри. Ниедна институција во оваа држава не смее да дава толкувања на закон освен Законодвано правната комисија во Собранието. Ова барање треба да биде отфрлено како недозволено, изјави Кондарко.

ДИК ја изгласа одлуката сите јавни набавки што ќе ги прават во иднина да бидат во отворена постапка. Деркоски го образложи предлогот со фактот работата на ДИК да биде што потранспаретна.