Македонија 05. април 2019. / 16:27

ДИК: Нов изборен законик е неопходен

ДИК: Нов изборен законик е неопходен

За една недела, ќе се знае колку чинат рекламите на тројцата претседателски кандидати. Според новите изборни правила, наредниот петок ДИК треба да им ги плати фактурите за изборната кампања на радиодифузерите, печатените медиуми и на порталите, објави Телма.

Ден пред тоа, партиите ќе поднесат финансиски извештај за сите приходи и расходи во кампањата, а Агенцијата за медиуми ќе достави извештај за платеното политичко рекламирање.

Ова се први избори на кои државата директно ќе ги покрие овие трошоци. Другите побарувања, како рекламен материјал или закуп на простор, може да се финансираат од партиска пленарина или од донации: максимум 3 илјади евра од физички и 30 илјади евра од правни лица. Вкупно, секој кандидат може да потроши 3,3 милиони евра.

Токму овој дел од Изборниот законик е недоволно прецизен и треба да претрпи измени, сугерира ДИК. Веќе направила договор со Народна банка за навремена исплата на средствата.

Од другите трошоци, и на овие избори, како и на претходните, најскапо ќе чини гласот во дијаспората. Трошоците се проектираат на 25 милиони денари, бидејќи за само илјада и 800 гласачи, 265 членови на избирачки одбори треба да патуваат до 32 гласачки места ширум светот.

-Иако има голем интерес, нема да има гласање во Бразил и во Малта, како и во Сиднеј, бидејќи таков е законот. Заради тоа, и заради стимулирање на иселениците, време е за нов начин на гласање во дијаспората: електронски со висок степен на заштита, со фингерпринт, со конзуларни денови или на друг начин – треба да одлучат партиите, вели првиот човек на ДИК Оливер Деркоски. Членовите на ДИК сугерираат – самопријавување на администрацијата за учество во изборите.

Сегашниот принцип на случаен избор на над 35 илјади вработени во јавниот и државниот сектор и обуката пред секои избори има повеќе слабости и мора да се измени.

Нов изборен законик е неопходен, посочува ДИК. Постојниот е донесен во 2006-та и е менуван 29 пати. Сепак, и на овие избори се применува без поголеми проблеми и без дополнителен надомест за членовите на ДИК.