Македонија 01. август 2018. / 17:05

ДИК го донесе равилникот, ќе гласа и дијаспората

ДИК го донесе равилникот, ќе гласа и дијаспората

Поради неусогласеност на Законот за референдум и на Изборниот законик ДИК мораше да донесе Правилник со кој се предвидува дека овој пат право на глас на референдум ќе има и дијаспората.

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ја одржa првата работна седница на која по формирањето и едногласно го усвои Правилникот за нејзината работа.

„Поради неусогласеност на Законот за референдум и на Изборниот законик ДИК мора да донесе Правилник со кој ќе ги уреди прашањата,  а со цел успешно спроведување на референдумот„ рече Јанаќие Витаноски, член на ДИК.

На референдумот ќе гласа и дијаспората

Освен граѓаните со живеалиште во Македонија право на изјаснување ќе имаат и сите што живеат надвор од Македонија но имаат македонско државјанство, а се запишани во Избирачкиот список.

Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху рече дека никој не може да го ускрати правото на гласање на македонските граѓани во дијаспората и потенцира дека таа лично е против начинот на кој се организира гласањето во дијаспората.

„Досегашниот начин на гласање беше голем трошок за државата, а излезноста е многу мала. Затоа сум против начинот на кој сега се гласа во дијаспората. Од тие причини ги повикувам сите граѓани да дојдат и да си гласаат во татковината,“ рече Шеху.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски,  дополни дека тоа не е работа на Комисијата и упати апел до Собранието како надлежно за донесување на закони, во иднина да се погрижи да го изнајде најдоброто можно решение во интерес на македонските државјани.

Елизабета Постоловска појасни дека сите членови на Комисијата се согласуваат дека гласањето на дијаспората во амбасадите низ светот е скап процес но дека тие како ДИК веќе упатиле барање до Министерството за надворешни работи (МНР) за податоци за бројот на вработени во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) за да можат да формираат соодветни избирачки одбори. Исто вакво барање ДИК доставила и до Министерството за внатрешни работи (МВР).

Ова е прв пат дијаспората да добие можност да гласа на референдум затоа што право на глас добија во 2011 година со Изборниот законик а Законот за референдум е донесен во 2005 година.

На референдумот нема место за партиските набљудувачи

Според новиот Правилник право на гласање на претстојниот референдум имаат сите граѓани кои наполниле 18 години и кои имаат живеалиште во Република Македонија и се регистрирани во Избирачкиот список. Разликата во однос на парламентарните, локалните и претседателските избори е тоа што во  избирачките одбори нема да членуваат претставници на политичките партии туку нив ќе ги сочинуваат само претставници на јавната администрација. Наместо пет како до сега избирачките одбори ќе имаат по три члена.

ДИК ги повика граѓаните навремено  да направат увид во Избирачкиот список кој ќе започне на деветти август и ќе трае пет дена пократко отколку во другите предизборни циклуси односно до 23 август до полноќ.

Доколку било кој гласач сака да изврши промена на податоците во Избирачкиот список тоа ќе може да го направи во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија или електронски на  на веб страницата на Државната изборна комисија  https://izbirackispisok.gov.mk/ .

За заштита на избирачкото право надлежни се Државната изборна комисија и Врховниот суд на Република Македонија каде што граѓаните ќе можат да поднесат жалба односно тужба.

„За сите прашања што не се регулирани со Законот за референдум ќе се применува Изборниот законик. Според Законот за референдум избирачкото право се заштитува најпрвин пред ДИК а потоа и пред Врховниот суд“, рече дрќавниот секретар на Комисијата, Добре јанчев.

Наместо кампања за референдумот ќе се организира јавна пропаганда

Наместо кампања која што редовно се организира пред секои избори пред референдумот ќе биде организирана јавна пропаганда која нема рок кога може да започне а може да трае најмногу 48 часа пред почетокот на гласањето на референдумот, објаснуваат од ДИК.

Што се однесува до тоа кој може да го набљудува процесот на работа на Комисијата и текот на спроведувањето на процесот на референдумот, од ДИК велат дека тоа треба да го направи носителот на иницијативата за референдум.

„Во време на изборен циклус сите носители на листи имаат право на свои претставници за набљудување на спроведувањето на изборниот процес. Но на референдум на државно ниво тоа право го имаат само предлагачите на референдумот и овластените набљудувачи. Бидејќи носител на иницијативата за овој референдум е Собранието тоа треба да назначи свој претставник или претставници кои ќе го набљудуваат процесот“, велат од ДИК.

Деркоски не кажува колку ќе се скратат трошоците на ДИК

Со едногласна одлука на денешната седница ДИК ги скрати трошоците за репрезентација на вработените за 50 отсто (кафиња, сокови, води) како и привилегиите за користење на мобилните телефони.

Претседателот на ДИК Деркоски не кажа точно колку пари до сега биле трошени и колку од сега ќе бидат заштедени со скратувањето на ваквите трошоци. Тој го избегна и одговорот дали членовите на ДИК ќе си доделат бонуси за спроведувањето на референдумот како што тоа го правеа нивните претходници.

„Една од моите цели е подобрување на имиџот на Изборната комисија“, рече Деркоски.

Претходниот состав на Комисија минатата година си поднесе оставка, под притисок на јавноста откако амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, обелодени дека членови на ДИК со интерна одлука си поделиле високи бонуси за време на локалните избори и последните неколку изборни циклуси.

Иако Законот за јазиците се’ уште не е влезен во сила, претставниците на ДУИ и на Беса во ДИК, Дитмире Шеху и Енвер Салиу на денешната седница наместо на македоснки говореа на албански јазик.

„Правото да зборуваме на албански јазик го црпиме токму од Законот за употреба на јазиците“, рече Шеху.

На денешната седница ДИК едногласно го усвои и Роковникот за спроведување на референдумот кој е скратен за пет дена од вообичаениот Роковник по кој се води постапката за спроведување на избори.

Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Првичните резултати од него треба да бидат објавени 24 часа по завршувањето на гласањето, а тој ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните во Избирачкииот список.

Нови членови на Државната изборна комисија се Оливер Деркоски – претседател, Дитмире Шеху – потпретседателка и членовите Елизабета Постоловска, Јанаќие Витаноски, Борис Кондарко, Радица Ристеска и Енвер Салиу.