Државната изборна комисија од почетокот на годинава склучила вкупно 30 договори за јавни набавки. Девет од нив се договорени во четири очи или без тендер, покажуваат податоците на Бирото за јавни набавки.
Од овие договори за кои има известување дека се потпишани со постапка без претходно објавување оглас, најголем е оној за дезинфекција на избирачки места за заштита од Ковид-19. Вреди 17 милиони денари или околу 277 илјади евра, објави „Алсат“.
Од договорите за кои имало тендер, највисок е оној за печатење на избирачките ливчиња. Вреди 28 милиони денари или 455 илјади евра. Меѓу повисоките договори е и оној за транспорт на избирачкиот материјал.
Биро за јавни набавки:
„9 милиони денари за транспорт на гласачките ливчиња
2 милион и 217 илјади денари за УВ ламби и УВ спреј
1 милион денари за гориво
960 илјади денари за прирачници за едукација“
Доколку се соберат сите јавно достапни договори на Бирото за јавни набавки, ДИК до 15 јули потрошил над 1 милион евра.
Со ребалансот на буџетот на 15. мај, на Државната изборна комисија и беа скратени пари, но не за изборниот процес. ДИК располагаше со 10 и пол милиони евра од кои 9,2 милиони евра се поврзани со изборниот процес.