Македонија 14. август 2018. / 09:40

Дијабетичарите мораат да се снаоѓаат со инсулин бидејќи го нема во аптеките

Дијабетичарите мораат да се снаоѓаат со инсулин бидејќи го нема во аптеките

На повидок е нова инсулинска криза во Република Македонија, дијабетичарите со месеци мака мачат да дојдат до лекот од кој им зависи животот. Резервите треба да траат до ноември, но ние веќе се соочуваме со дефицит на инсулин. Дијабетичарите се принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи не може да го најдат во аптеките, вели претседателката на Здружението на лицата со дијабетес „Алегрија“, Рената Јакимовиќ, за „А1. он“ и „Макфакс“.

– Има поплаки од целата држава дека нема инсулин. За жал, во 21 век сме доведени лицата со дијабетес да немаат редовна достава на инсулин, односно не може да го подигнат инсулинот од аптеките и сето тоа се должи на паралелниот увоз и нередовната достава. Тоа предизвикува огромен проблем кај лицата со дијабетес затоа што тие живеат од лекот и не смеат да се доведат до степен да отидат во инсулинската аптека и од таму да кажат дека нема инсулин – вели Јакимовиќ.

Лицата со дијабетес, поради недостиг на инсулин, се принудени меѓу себе да си позајмуваат пенкала за да имаат за цел месец, а потоа, кога ќе стигне редовната достава, ги враќаат инсулините од каде што ги позајмиле и така во круг.

– Дијабетичарите од целата држава контактираат меѓу себе преку социјалните мрежи и на тој начин си позајмуваат инсулин. Праќаме преку луѓе што ги знаеме или преку автобуси, нешто што во никој случај не смее да биде практика, а за нас тоа е секојдневие – вели Јакимовиќ.

Според претседателката на „Алегрија“, целиот проблем настанал пред неколку години со одлуката увозот на инсулин да се врши преку паралелен увоз. Како што вели таа, со паралелниот увоз компаниите што го доставуваат увозот не може да ги извршат набавките како што треба и веќе неколку години дијабетичарите се соочуваат со истиот проблем од енормни размери како за младите така и за постарите.

Покрај недостигот на инсулин, дијабетичарите имаат уште еден дополнителен проблем, а тоа е квалитетот на глукометрите со кои се мери висината на шеќерот во крвта. Јакимовиќ вели дека во Сојузот на здруженијата на лицата со дијабетес доста се дискутира за квалитетот на глукометрите и другите помагала. Како што вели, порано дијабетичарите користеле квалитетни глукометри, но квалитетот на сегашните, кои одат преку Фондот за здравство, е и тоа како доведен во прашање.