Македонија 20. ноември 2018. / 14:23

Дескоска: Се зголемува бројот на граѓани корисници на бесплатна правна помош

Дескоска: Се зголемува бројот на граѓани корисници на бесплатна правна помош

Четири петини, односно 80 проценти од адвокатите во Македонија кои биле интервјуирани во 2017 година обезбедуваат Про боно или бесплатна правна помош за најсиромашните граѓани.

Ова го посочуваат резултатите од истражувањето на Македонското здружение на млади правници презентирано на вчерашната конференција „Про боно правната помош и алтернативните начини за решавање на спорови како средства за олеснување на пристапот до правда за сиромашните и обесправени граѓани“.

Министерката за правда Рената Дескоска на конференцијата најави дека ќе има измени и дополнувања на Законот за бесплатна правна помош кој е донесен во 2009 година, поради обезбедување поширок пристап до бесплатната правна помош.Бројката на поднесени барања за БПП, пак, посочи, останува релативно ниска.

-Процентот на одобрени барања за БПП е под 50 отсто од поднесените барања. Буџетот на РМ за бесплатна правна помош веќе со години наназад изнесува 3.000.000 денари (50.000 евра), што претставува еден од најскромните буџети во Европа, но затоа просечните трошоците за правна помош по предмет во РМ се највисоки во Европа. Со задоволство можам да најавам дека за идната година планирано е зголемување на буџетот за бесплатна правна помош, како и поширок пристап до овој инструмент. Со средствата кои ќе се обезбедат од буџетот, со цел спроведување на новиот законот за бесплатна правна помош, ќе се овозможи на многу поголем број граѓани корисници на бесплатна правна помош, а кои потекнуваат од социјално ранлива категорија, да ги остварат своите права пред судските органи, притоа нивната материјална положба да не биде загрозена, рече Дескоска.