Македонија 19. април 2018. / 19:27

Дескоска се огласи за случајот средношколците од Неготино кои беа оставени во Италија

Дескоска се огласи за случајот средношколците од Неготино кои беа оставени во Италија

Три дена по објавувањето на скандалот со екскурзијата на ученици од Неготионо кои од директорката и професорите биле оставени во Италија, од страна на Лидер, попладнево се огласи Министерството за образование.

Одговорност во случајот со екскурзијата на неготинските средношколци во Италија мора да има, наставниците и директорот на училиштето во ниту еден случај не смееле да ги остават учениците сами и да заминат без нив. Ова е ставот кој во врска со овој случај, попладнево го дадоа за МИА од Министерството за образование и наука.

-Потсетуваме дека станува збор за малолетни лица кои им биле доверени ним. Исто така, загрижувачко е однесувањето на учениците за време на изведувањето на екскурзијата, за што исто така може на учениците да им бидат изречени педагошки мерки, нагласуваат од Министерството предводено од министерката Рената Дескоска.

Државниот просветен инспекторат ќе изврши увид во гимназијата и ќе ги даде своите препораки.

-Ваквото нивно однесување спрема учениците е основ за поднесување на одговорност. Секако и на родителите им останува можноста за покренување постапка за одговорност на наставниците за нивната негрижа спрема учениците, додаваат од МОН.

Лидер во вторникот објави дека средношци од Неготино биле оставени сами на себе во Италија, додека директорката на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ заедно со нивните професори и соученици ја продолжиле екскурзијата во Франција, дознава Лидер.

Директорката и професорите кои се обврзале дека ќе се грижат за децата, се шетале до Франција, без никаква грижа на совест каде се наоѓаат двете деца, како ќе се снајдат сами во Италија и дали се здрави и живи.

Според кажувањата на дел од учениците за Лидер, двајцата ученици и се јавиле на класната раководителка дека се уште појадуваат и дека ќе дојдат за десет минути. Но професорите не можеле да се спротивстават на сопственикот на туристичката агенција, инаку пријател на директорката на гимназијата, кој не сакал ни 10 минути да ги почекаат двајцата ученици. Сопственикот образложил дека не може да се чека и ќе се вратат по децата дури по 15 часа откако ќе се вратат од Франција. Тој рекол децата да преспијат во истиот хотел.

Учениците откако не ги нашле автобусите на паркингот, во паника се јавиле кај родителите кои веднаш почнале да се јавуваат кај директорката и сопственикот на агенцијата, но нивните повици биле игнорирани. Цели 15 часа траела агонијата и на загрижените родители и на оставените деца кои се уште имаат трауми од целите случувања.

Наместо извинување и одговорност од директорката на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“ од Неготино и агенцијата тие почнале да им се закануваат на учениците да не кажат ни збор за целиот настан, никој да не дознае и да се однесуваат како ништо да не се случило, раскажаа за Лидер загрижените родители.

Покрај овој скандал учениците коментираат дека се излажани за хотелското сместување кое било многу полошо од тоа за кое било платено. Тие престојувале во ладни простории, автобусите со кои патувале исто така немале греење, голем дел од програмата за која биле дадена пари не била остварена, а во Милано, на дожд, цели два часа биле оставени да смрзнуваат и гладуваат на улица.

Покрај тоа учениците се жалат од безобразниот и некоректен однос на сопственикот на агенцијата и возачите на автобусите. Родителите бараат директорката да поднесе целосна одговорност за настанот.