Македонија 01. ноември 2018. / 11:48

Дескоска: АСНОМ ќе се конкретизира во новата преамбула од Уставот

Дескоска: АСНОМ ќе се конкретизира во новата преамбула од Уставот

Во преамбулата на Уставот ќе се конкретизираат актите на АСНОМ, рече министерката за правда, Рената Дескоска, на конференција во Охрид за реформите во судството. Дескоска рече дека се правеле консултации за предлозите на пратениците кои ги поддржале уставните измени во Собранието.

-Во делот на преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира дека манифестот значи повикување на национална борба во соседни држави- рече министерката.

 

-Рокот е утре до кога Владата треба да му ги достави нацрт-амандманите на Собранието. Вчера се правеа некои консултации за кои не сум во тек. Она што беше консултација со осумте пратеници во опозицијата, кои ги поддржаа уставните измени, беше договорено внесување на член што ќе го гарантира идентитетот на македонскиот народ. Постигнавме заеднички договор тоа да биде во рамките на нормативниот текст, каде што во еден од членовите кои ќе се менуваат ќе биде ставена гаранција за идентитетот на македонскиот народ- додаде министерката за правда, Рената Дескоска, на конференцијата.

Таа потенцира дека за помирувањето во Собранието до вчера не било прецизирано каков ќе биде составот и дека се прават консултации со политичките партии кои се во парламентот.

-Прашањата кои треба да се разговараат во еден поширок контекст. Премиерот најави и јас мислам дека тоа е став што треба да се поддржи дека амнестија за насилствата на 27 април не смее да има. Тоа се акти на насилство. Многумина пролеаја крв. И тоа остави не само лична траума на тие луѓе, туку остави и колективна траума на општеството. Она што значи насилен акт. Јас мислам дека не треба да има исклучок- рече Дескоска.