Македонија 24. September 2018. / 12:56

Дескоска: Антикорупциска комисија да се одвои од политиката

Дескоска: Антикорупциска комисија да се одвои од политиката

Воспоставување транспарентна постапка при изборот на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и утврдување критериуми што ќе значат одделување на ДКСК од политиката, се дел од новините што ги предвидува Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.

– Еден од критериумите за избор на член или претседател на Антикорупциската комисија е тоа лице да не вршело политичка функција во Владата, во Парламентот, ниту да било донатор на политички партии во последните 10 години, изјави министерката за правда Рената Дескоска пред почетокот на денешната дебата за Предлог законот, додавајќи дека тие лица не треба да се тесно врзани со политичките партии.

– Воспоставени се критериуми како искуство во откривање и спречување корупција, професионално искуство, но секако своја гаранција е постапката за избор, нагласи таа.

Едната алтернатива што постои во законскиот текст, како што појасни Дескоска, предвидува транспарентна постапка во Собранието на РМ за избор на членови на ДКСК.

– Новинарските здруженија и невладините организации што работат во сферата на корупцијата ќе можат да номинираат претставници кои ќе учествуваат во интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК, рече Дескоска и додаде дека имаат за цел да ја направат постапката транспараена и јавноста да може да види кои се луѓето што се кандидирани на тие функции.

Законското решение предвидува зајакнување на надлежностите на ДКСК, што ќе значи пристап до банкарските сметки на лицата кои се носители на јавни функции во однос на контролата на имот.

– Се предвидуваат и основи за зајакнато финансирање на Антикорупциската комисија со цел да може да ги врши своите овластување, додаде таа.

Во делот на финансирањето на изборните кампањи во законското решение содржани се рокови во кои во текот на една изборна кампања ДКСК ќе мора да се произнесе за евентуални нерегулатности во финансирањето на изборните кампањи на некоја политичка партија или организатор на кампања.

Во контекст на тоа, Дескоска посочи дека доколку станува збор за злоупотреба на буџетски средства во кампања, ДКСК ќе има кратки рокови за постапување, со цел да не се повторуваат случаи кога имаше отворено постапки пред Комисијата, а немаше завршница во текот на изборната кампања.

Овој Предлог закон по кој се дебатира, како што рече министерката за правда, ги обединува Законот за спречување на корупција и Законот за судир на интереси. Додаде дека законските новини треба да ги исполнат препораките за ГРЕКО, на Европската комисија, од Прибе и неговата експертска група, како и од ОДИХР во делот на финансирање на изборните кампањи.

Министерката за правда изрази надеж дека Предлог законот веднаш по референдумот ќе биде пуштен во Собрание и оти собраниските процедури ќе одат поефикасно за, како што додаде, до крајот на октомври да има избрани членови на Комисијата.

Според Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал“ Антикорупциската комисија треба да има пристап до сите потребни бази на податоци и да може да доставува барања до сите институции, вклучително и до банките кои ќе и даваат информации за банкарските сметки на носителите на функции.

– Проверката на имотната состојба е поврзана со проверката на судирот на интереси, затоа што носителите на функциите не ги пријавуваат интересите вклучително сопственоста на компании кои подоцна се јавуваат во различни постапки, рече Тасева.

Илина Мангова, директорка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на отворањето на дебатата истакна дека за да има успех во борбата против корупцијаат потребно е да има политичка волја.

Условеноста за пристапување во ЕУ, како што рече таа, се покажало како клучен фактор за придвижување на овој процес, а тука како што додаде важни се и човечкиот фактор и јавноста.

На јавната дебата за нацрт-текстот на Предлог-законот за спречување на корупцијата и судир на интереси што е организирана од Министерството за правда и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), учествуваат претставници на институции, здруженија и фондации, комори, синдикати и академската заедница.