Десет дена пред да биде разрешена од директорската позиција во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова потпишала налог за исплата на 1.637.296 денари, односно 26.623 евра кон фризерницата „В.Е.З. Трејд“, сопственост на Зоран Златковски, објави А1он.
Исплатата била направена и покрај тоа што претходно Финансиската полиција влезе во Националната агенција, одзеде документи и соопшти дека води истрага за случајот „фризерница“, кој сега го истражува и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Парите биле трансферирани според договор кој фризерницата „В.Е.З. Трејд“ го има склучено со Националната агенција. Тие се дел од доделените 270.000 евра во периодот од 2018 до 2020 година. „А1он“ дојде до информации дека според истрагата на Финансиската полиција, досега кон „В.Е.З. Трејд“ се исплатени 5.388.762 денари, односно 87.596 евра.
Обвинителството ги сомничи Лидија Димова и Зоран Златковски дека предизвикале штета од големи размери на средствата од Европската заедница во периодот од 2018 до 2020 година. Истрагата утврдила дека има судир на интереси во одобрувањето на грантови за „В.Е.З. Трејд“, бидејќи Златковски бил надворешен експерт во Националната агенција. Дополнително, тој бил ангажиран без јавен оглас, што повторно се коси со Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.
Целиот текст на А1он.