Македонија 23. јули 2018. / 09:17

Денес нова лидерска средба

Денес нова лидерска средба

Лидерите на четирите најголеми партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса денеска повторно ќе седнат на маса и ќе се обидат да ги испеглаат разликите и да постигнат политички договор во врска со претстојниот референдум, датумот, референдумското прашање, неговиот карактер, изборот на ДИК…

Разговорите се закажани за девет часот изутринава во Клубот на пратениците.

Ова е трета лидерска средба, првата се одржа минатата среда со учество на сите политички партии, кои во Собранието имаат повеќе од еден пратеник, на што се спротивстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти по околу еден час од нејзиниот почеток и побара потесен состав на состанокот.

Следниот ден, минатиот четврток се одржа втората лидерска, во скратен формат. По средбата во четвртокот во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами изјавија дека за некои од прашањата за кои се разговарало постојат шанси за приближување на ставовите, додека за некои се далеку од договор.

Власта бара од опозицијата поддршка за престојниот референдум, опозицијата бара усвојување на Законот за финансирање на политичките партии, измени во Законот за Влада, по пржинскиот модел и измени во Кривичниот законик поврзани со амнестијата.

На лидерската во скратен формат во четвртокот, како што изјавија некои од учесниците, на маса воопшто не било ставена формулацијата на референдумското прашање. Учесниците по четири часа разговори не успеале да го отворат тоа прашање.

Премиерот и лидер на СДСМ Заев по првите разговори во средата вечерта го соопшти можното прашање – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.

Заев тогаш извести и дека претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.

Во однос на карактерот на референдумот појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е изјаснувањето на граѓаните да биде консултативно.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од  вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.

Формирањето на ДИК, без што не е можно да се одржи референдумот е едно од горливите прашање, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара усвојување на Законот за финансирање на политичките партии и измени на Законот за Влада, според пржинскиот модел пред секои избори, како услов за формирање на ДИК.

Според актуелниот закон, ДИК се бира со двотретинско мнозинство во Собранието, а според договореното меѓу власта и опозицијата претседателот на Комисијата би бил од опозициската партија. Одлуката за распишување на референдумот ја носи Собранието и откако ќе ја донесе тој мора да се одржи не порано од 60 дена, ниту подоцна од 90 дена од распишувањето.

 

На Избирачкиот список во моментов има околу 1,8 милиони гласачи. За да биде исполнет цензусот треба да излезат најмалку половина од нив, а одлуката ќе биде усвоена ако ја поддржале мнозинството од излезените избирачи.