Истокот од земјата демографски опустошува. Еклатантен пример е виничкото село Блатец, кое од некогаш 2000 жители и инфраструктура на помало гратче, денес брои помалку од 1000 постојано население. Со затворањето на индустриските капацитети, започнува и миграцијата, пренесува Сител.
– Се затворија објектите и каде да одам, мора да бегаш – изјави Димитрија Атанасов, иселеник во Италија, за Сител.
Скоро и да нема семејство од кое младите членови на заминале во странство во потрага по егзистенција. Атанасов заминал во 93-тата година, а денес во Италија живее целото негово потесно семејство кое брои 9 члена.
– Ние сме двајцата со сопругата. Ќерката и зетот имаат две деца и другата ќерка има еден син. Сега ќе го водиме и внукот со нас – изјави Атанасов.
Селото заживува само во летните месеци.
– Цело лето е гужва од децата што се во странство. Ние ги викаме странци, што е жално. Тие не се странци. Велат, овде не викате странци, во Италија или било каде, и таму не викаат странци, значи ние немаме свој дом – изјави Николина Јанкулова, жител на село Блатец.
Мештаните велат дека останале само оние кои не успеале да се иселат. Можеби тоа е и една од причините поради која во последните две години процесот на иселување од општина Виница стагнира.
Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.