Македонија 17. ноември 2018. / 17:51

Демант од РЕК Битола

Демант од РЕК Битола

РЕК Битола ги демантира пишувањата на „Економски Лидер“ за јавната набавка вредна 22 милиони денари, доделена на фримата „СВ Инвест“, која што важи блиска до Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев.

Демантот ви го пренесуваме во целост:

– АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола ги демантира наводите изнесени во објавата со наслов „Пишувањата на „Лидер” се потврдија: 22 милиони од РЕК без тендер за фирмата „на Вицeто“ “.

 

Текстот под кој не стои име на авторот изобилува со невистини, тенденциозни и злонамерни заклучоци, кои наместо да ја информираат, ја доведуваат во заблуда јавноста. Сомнежите на Економски лидер за т.н. огромен скандал во РЕК Битола ги оценуваме како шпекулација.

 

АД Електрани на Македонија не дале во ист ден согласност на РЕК Битола за две идентични набавки на услуга „техничко чистење”, како што стои во текстот. Се работи за согласности за постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за технолошко (а, не техничко) чистење на БТО системите за ПЕ Рудници, РЕК Битола и согласност за постапка со преговарање без претходно објавување на оглас за услуга од ангажирање на помошна механизација за потребите на рударска оператива за ПЕ Рудници, РЕК Битола. Потенцираме дека двете согласности не се добиени во ист ден, ниту, пак, се однесуваат на идентична услуга.

 

Постапката која Економски лидер ја оценува како идентична на услугата за технолошко чистење на БТО системите за ПЕ Рудници, РЕК Битола се однесува на Услуга од ангажирање на помошна механизација за потребите на рударска оператива за ПЕ Рудници, РЕК Битола. На 06.06.2018 година АД Електрани на Македонија – Скопје распишаа оглас за доделување на договор за јавна набавка бр. 16-43/2018. Постапката беше спроведена како деллива набавка, односно се состоеше од шест делови (лотови). На огласот стигнаа понуди од шест економски оператори, кои беа предмет на евалуација. Комисијата за јавни набавки утврди дека понудите на пет оператори не ги исполнуваат условите за учество, односно поради доставени неприфатливи понуди. На 17.08.2018 година отворената постапка бр.16-43/2018 година за доделување на договор за јавна набавка за дел 1,3,4 и 5 беше поништена, а за деловите 2 и 6 беше склучен договор со Рудкоп ДООЕЛ Битола. Новиот оглас за доделување на договор за јавна набавка со бр. 16-141/2018 чиј предмет е Ангажирање на помошна механизација за потребите на рударска оператива во ПЕ Рудници, РЕК Битола беше објавен на 06.10.2018 година, а отворањето на понудите е закажано за 23.11.2018 година.

 

Во меѓувреме, од редовната постапка беше издвоена итна постапка заради потребите на ПЕ Рудници, имајќи ги во предвид почетокот на грејната сезона и потребата од континуирано производдство на електрична енергија. Постапката се одвива по пат на преговарање, без претходно објавување на оглас, согласно член 99, став 1, точка 1, алинеа 3 и член 198 став 1 алинеа 4 од Законот за јавни набавки. Испратени беа покани до девет економски оператори. Комисијата за јавни набавки во АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола, како и во претходните, така и во овој случај се водеше од начелата на Законот за јавни набавки, член 2, според кој постапките за јавна набавка обезбедуваат конкуренција, еднаков третман и недискриминација, транспарентност и интегритет и ефикасно искористување на средствата во постапките за доделување договори за јавна набавка. Понуди беа доставени од два оператори – Марковски компани ДООЕЛ Битола и СВ Инвест ДООЕЛ Битола, за два различни делови од предметот на набавка. Договори беа потпишани и со СВ Инвест ДООЕЛ Битола не вчера – 15.11.2018 година, како што стои во објавата на порталот Економски лидер, туку еден месец претходно, на 15.10.2018 година и со Марковски компани ДООЕЛ Битола, на истиот датум.

 

АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола го повикува интернет порталот Економски лидер ДЕМАНТОТ да го објави во целост. Во спротивно, ќе ги преземе сите законски мерки што стојат на располагање со цел да го зачува реномето и интегритетот на најголемиот и најзначајниот електроенергетски капацитет во земјава.

 

Истовремено, го охрабруваме интернет порталот Економски лидер, да се интересира за работата на сите фирми поврзани со РЕК Битола, па и за оние кои работеле во Комбинатот за време на претходната власт, а работат и сега и за кои се шпекулира дека финансиски поддржуваат медиуми блиски до ВМРО – ДПМНЕ.

 

Апелираме до интернет порталот Економски лидер во иднина, пред да пишува на теми поврзани со работата на РЕК Битола, да се обрати до АД ЕЛЕМ или до Подружницата РЕК Битола за сите информации. – стои во демантот.

Инаку за потсетување пред неколку денови објавивме дека АД ЕЛЕМ, во ист ден, на РЕК Битола му дале согласност за две идентични набавки за услугата „техничко чистење на ПЕ Рудници“. Скандалозно тука е тоа што едната набавка ќе биде отворена преку јавен тендер кој е објавен јавно на сајтот за јавни набавки, а втората ќе биде спроведена во четири очи со компании. Главнината на понудата за набавката во четири очи е вредна 18 милиони денари, а како што дознавме, неа ќе ја добие компанијата „СВ Инвест“ која е поврзувана со името на Вице Заев.

Овие денови на страницата на јавни набавки беше објавен Договорот за склучена јавна набавка помеѓу АД ЕЛЕМ – Подружница РЕК Битола и СВ Инвест ДООЕЛ Битола. Договорот е склучен со цел ангажирање на помошна механизација за потребите на рударска оператива во ПЕ Рудници, РЕК Битола, за услуги за одржување и поправка.

Целиот текст на Економски Лидер прочитајте го на следниот линк: Пишувањата на „Лидер” се потврдија: 22 милиони од РЕК без тендер за фирмата „на Вицeто“