До редакцијата на Лидер пристигна демант за веста која беше објавена вчера, во која објавивме дека за време на седницата за пратенички прашања, министерот Алаѓозовски седел во кафиуле.
Сепак, во веста беше напоменато дека координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, ветил дека министрите ќе бидат присутни за неформален разговор и прашања со пратениците за време на паузите. Во демантот, кој ни беше испратен од Петрит Сарачини, потврдено е дека Алаѓозовски на паузите не присуствувал на седницата.
Демантот ви го пренесуваме во целост:
Во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Министерството за култура бара од редакцијата на порталот „Лидер“ да објави исправка / демант на лажната вест дека министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски не присуствувал на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Р.М, објавена на вашата страница на следниот линк: https://lider.com.mk/makedonija/foto-alagjozovski-faten-na-delo-namesto-na-pratenichki-prashanja-si-otishol-vo-kafeana/
Имено, министерот Алаѓозовски е постојано присутен на седницата, а ја искористи паузата дадена од претседателот на Собранието Џафери за да оствари кус работен состанок во кафуле блиску до Собранието со претставници на повеќе организации и уметници од повеќе земји, кои учествуваат на меѓународен танц фестивал што се случува деновиве во Скопје. Министерот присуствуваше на средбата 14.30 до 15 часот, откако во паузата беше достапен и на средбата со пратениците, каде што опозицијата не дојде.
Средбата беше со претставници на Европската мрежа за танц (EDN – European Dancehouse Network), Кино Сиска центарот за урбана култура од Љубљана (Kino Siska Centre for Urban Culture) и Мрежата „Nomad Dance Academy“. Во рамки на проектот „Encounter Balkans“, гореспоменатите претставници во април патуваат во регионот и ги посетуваат Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и Бугарија, со цел да се запознаат со инцијативите, организациите, структурите, програмите и политиките и просторите во кои се развиваат современите изведувачки уметности. Средбата беше на барање на претставниците на меѓународната танц сцена, кои застапуваа механизми како македонската танц сцена да биде посуштински поддржана и повидливо присутна во новите културни политики на Владата. Министерот Алаѓозовски ги запозна со досегашниот реформски процес, усвојувањето на Стратегијата и акцискиот план на Министерството и се согласи во работните групи да се вклучат и претставници на македонската танц сцена.
Програмата за нивата посета во Македонија ја организираше „Локомотива“, во форма на 2- дневен настан (25, 26 април) во Кино Култура, кој се состоеше од серија на перформанси од македонски автори (продукција на Интеарат и соработници на Локомотива и Номад танц академија), средби, презентации на Кино Култура, како и на танцови простори, услови и моментална позиција на современиот танц во Македонија и јавна дискусија на тема Политики во танцот, дискусија на ситуацијата на танцот во Македонија. На настаните беа поканети професионалци, кореографи, студенти од полето на соврмените изведувачки уметности, а беа отворени и за поширока публика
Министерството за култура бара од редакцијата на „Лидер“ во законскиот рок да го објави овој демант и да му се извини на министерот Алаѓозовски за нанесената штета по неговиот углед со овие лаги.
Срдечен поздрав,
Петрит Сарачини
посебен советник за култура,
Министерство за култура на Република Македонија