Македонија 04. јуни 2020. / 16:59

Дебар 50 дена без корона вирус

Дебар 50 дена без корона вирус

Денешните официјални податоци за состојбата со Ковид-19 во Македонија потврдуваат дека и во последното деноноќие во Дебар нема новозаразени. Тоа е 50. ден по ред како во општината нема појава на вирусот.

Во оваа Општина, која беше првото жариште на корона вирусот и која еден месец беше во карантин, заедно со соседната општина Центар Жупа, бројката на заразени останува 51, од кои двајца се од Општина Центар Жупа. Од вкупната бројка, излекувани се 47 луѓе, додека четворица починаа.

И покрај тоа од општинскиот Оперативен штаб го повторија апелот граѓаните и деловните објекти строго да ги почитуваат мерките за заштита од ширење на вирусот.

Во исто време ги замолуваат граѓаните доколку имаат симптоми, како што е висока телесна температура, кашлица, грозница, да се јават во Работната единица за јавно здравје за да им биде земен брис.

Треба да се нагласи фактот дека и во двете општини и понатаму нема меѓусебни посети меѓу роднини, пријатели и соседи, големите празници Велигден и Рамазан Бајрам минаа без вообичаените посети а и ифтарските вечери за време на светиот месец Рамазан беа само во кругот на семејствата.